ЕК-Неспроведен договор со Бугарија.зајакнување на независноста на судството, слобода на медиумите

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија се наведува дека Северна Македонија сè уште не ги усвоила неопходните уставни измени со кои во Уставот би се вклучиле заедниците што не се мнозинство, меѓу кои и Бугарите, иако тоа претставува преземена обврска на земјата.

Во документот се потсетува дека сите билатерални договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, мора да се спроведуваат со искрена волја од сите страни.

 

Комисијата наведува дека властите продолжиле да работат на реформските патокази во областите на владеење на правото, јавната администрација и демократските институции, како и на акционен план за заштита на малцинствата. Сепак, земјата треба значително да ги засили напорите во делот на зајакнување на независноста на судството и борбата против корупцијата, бидејќи во областа на правдата е забележан само „ограничен напредок“.

 

Како позитивен пример се наведува тоа што Северна Македонија целосно ги усогласила своите надворешни и одбранбени политики со оние на Европската унија, како и приклучувањето кон Конвенцијата за заеднички транзит, која овозможува побрз проток на стоки преку границите.

 

ЕК го поздравува активирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, но забележува дека земјата бележи помал напредок во делот на медиумскиот плурализам, слободата на медиумите и изразувањето.

Во извештајот се потсетува дека Северна Македонија е меѓу земјите за кои Европската комисија одобри дополнителни средства во рамките на Планот за раст на Западен Балкан – како признание за напредокот во спроведувањето на реформите.

Back to top button
Close