Комитетот за права на жените на ЕП ја поддржа иницијативата за безбеден и достапен абортус

Комитетот за права на жените и родова еднаквост на Европскиот парламент денеска со 26 гласа „за“, 12 „против“ и ниту еден „воздржан“, усвои извештај во кој се поддржува граѓанската иницијатива „Мој глас, мој избор: За безбеден и достапен абортус“.

Во документот се нагласува дека многу жени во Европа се уште немаат целосен пристап до безбеден и легален абортус и се изразува загриженост поради правните и практичните бариери што постојат во некои земји од ЕУ.

Пратениците ги повикуваат тие земји да ги реформираат своите закони и политики за абортусот во согласност со меѓународните стандарди за човекови права.

Со извештајот се повикува и Еврокомисијата да воспостави финансиски механизам на доброволна основа за финансиска поддршка за обезбедување пристап до безбедно прекинување на бременоста во земјите од ЕУ во кои нема можност за легален абортус.

Европратениците ја нагласуваат улогата на ЕУ во поддршката на напорите за подобрување на сексуалното и репродуктивното здравје и права и повикуваат на посилна европска акција за универзален пристап до нив, вклучувајќи информации за планирање на семејството, прифатлива контрацепција, безбеден и легален абортус и здравствена заштита на мајките.

Во извештајот се изразува длабока загриженост поради „растечката реакција против правата на жените и родовата еднаквост во Европа и глобално“, вклучително и поради ограничувањата на сексуалното и репродуктивното здравје и права и нападите врз заштитниците на правата на жените, а воедно и се осудуваат антиродовите движења кои „се стремат да ја поткопаат еднаквоста и човековите права“.

Врз основа на усвоениот извештај од страна на Комитетот, треба да биде свикана дебата на некоја од следните пленарни заседанија на Европарламентот, од која треба да произлезе Резолуција за граѓанската иницијатива за безбеден и достапен абортус.

Back to top button
Close