ЕП ќе гласа за трговски привилегии за Балканот, услов земјите да ја почитуваат демократијата

Европскиот парламент ќе гласа в четврток за предлогот за продолжување на трговските привилегии за земјите од Западен Балкан до 2030 година.

 EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Станува збор за измена на постојната регулатива на ЕУ, што ги регулира трговските односи со земјите кои учествуваат или се поврзани со Процесот за стабилизација и асоцијација.

 

Овие трговски олеснувања им овозможуваат на земјите од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово – да извезуваат одредени земјоделски производи, како што се овошје, зеленчук и вино, во ЕУ без царински давачки или со намалени царински стапки.

 

Авторот на извештајот, пратеникот во Европскиот парламент Крис ван Дајк, предлага овој режим да се продолжи до 2030 година, без воведување нови привилегии, но со задржување на постојните услови и контролни механизми. Како и досега, привилегиите би важеле само за земјите што ја почитуваат демократијата, владеењето на правото и човековите права. Во случај на сериозни прекршувања, Европската комисија би можела привремено да ја суспендира примената на мерките.

 

Ван Дајк оцени дека продолжувањето на регулативата претставува „сигнал за континуитет и предвидливост“ за партнерите во регионот, но и „јасна потврда дека трговските привилегии се неразделно поврзани со политичките реформи и усогласувањето со европските вредности“.

 

Чешката пратеничка од Зелените, Маркета Грегорова, со амандман предложи Белград да биде изземен од режимот на трговски привилегии поради, како што изјави, „недоследност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и ерозијата на владеењето на правото“.

 

Според податоците од ЕК, вкупната трговија меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан минатата година изнесуваше 83,6 милијарди евра. ЕУ учествува со 78 проценти од вкупниот извоз на регионот и 59 проценти од неговиот увоз. Обемот на размена опфатена со преференцијални мерки се зголеми за повеќе од 120 проценти, од 60,5 милиони евра во 2018 година на 137 милиони евра во 2024 година.

 

Back to top button
Close