EУ барa дополнителни информации од Владата за ИПАРД-програмата

Европската Комисија бара дополнителни информации од владата за скандалот со европските пари за земјоделците. Од Брисел за телевизијата „24“, велат, дека се свесни за ситуацијата, побарале од властите во земјава додатни податоци, но не може да дадат повеќе информации во оваа фаза.
Свесни сме за ситуацијата и побаравме дополнителни информации од властите на Северна Македонија. Комисијата не може да даде дополнителни коментари во оваа фаза“, велат од Брисел.
Дипломатски извори брифираат дека не се исклучува во истрагата да се вклучи и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) – ако се утврди злоупотреба, можно е државата да биде обврзана да враќа пари на ЕУ.
Во актуелниот извештај на ЕК за напредокот на земјата кон членството во ЕУ, во кластерот 5 и поглавјето 11 стои дека треба да се стави фокус на мерките против корупција во ИПАРД.
„Во однос на мерките против корупција, телата на ИПАРД се обврзани да спречуваат, откриваат и пријавуваат неправилности“, пишува во извештајот.
Премиерот Мицкоски денеска тврдеше дека исплатата на парите од ИПАРД е запрена на негово барање, на што од опозицијата му одговорија дека таа изјава докажува дека Мицкоски не го познава механизмот на европската програма за поддршка на земјоделството.
„Власта итно да одговори колку корисници имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства? Што ќе преземе владата за да ги заштити овие луѓе бидјеќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкокси тие се оштетени? За на јавноста да и биде јасно, ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи“, порачаа од СДСМ.






