ФОТО Генералка во судницата каде за една недела ќе започне судењето за Пулс

Следната недела (19 ноември) треба да започне судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади лица.

По тој повод, во судницата во КПУ Идризово денес се одржа таканаречена „генералка“ односно финална проверка на хигиената, како и техничките и организациските услови пред почетокот на главната расправа.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека предметот ќе го застапуваат околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивната координација. Во јуни годинава беше поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Паралелно со главниот предмет, Обвинителството води и посебна истрага против 13 полициски службеници поврзани со случајот. Истрагата се одвива побавно, бидејќи ја води само еден обвинител. Според најавите, иако требаше да заврши до крајот на септември, поради одложено сослушување на сведоци се очекува обвинителска одлука на почетокот на декември.

Во Основното јавно обвинителство Кочани е отворена и предистражна постапка против службеници од Управата за јавни приходи, со цел утврдување на евентуални пропусти во работењето. Надлежниот обвинител веќе издал конкретни наредби и насоки за преземање процесни дејствија.

Фото: 4news

Back to top button
Close