Данокот за донациите побрз од правдата за Кочани
Државата наплати данок од донациите за жртвите од пожарот во Кочани, но одговорноста за трагедијата и понатаму се одложува. Пишува Соња Крамарска

Државата побрза да го грабне својот дел од колачот од донациите, но кога станува збор за делот од одговорноста за трагедијата во Кочани, работите одат многу побавно.
Семејствата на загинатите и повредените во ужасната кочанска трагедија добија уште една шлаканица од државата. Уредно е наплатен данокот од донациите кои беа собирани за унесреќените што ја преживеаја кобната ноќ. Од речиси 11 милиони денари собрани преку хуманитарната иницијатива „Супорт Кочани“, околу еден милион денари биле издвоени за државен данок или нешто над 16 илјади евра. Тоа се отприлика седум функционерски плати – истите тие функционери што не покренаа ниту една акција во своите редови да се откажат од барем по една плата за да им помогнат на несреќните луѓе кои се лекуваат со скапи лекови и медицински помагала.
Толку за солидарноста, грижата и емпатијата кон својот народ и своите сограѓани. Државата покажа дека е немилосрдна кога се во прашање даноците. И така треба да биде. Но, во случајот со Кочани, државата беше побрза да го грабне својот дел од колачот, додека кога станува збор за одговорноста за оваа трагедија без преседан, работите одат многу побавно. Семејствата на настраданите во Кочани маршираат со месеци барајќи правда за своите најмили, но правдата по сѐ изгледа ќе задоцни.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот. Истрагата требаше да заврши во септември, но државата се правда дека се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката дали ќе бидат кривично гонети се очекува на почетокот на декември.
Постапката каска и за службеници во УЈП кои, место да си ја гледаат својата работа, помагале дискотеката „Пулс“ да се провлекува иако кршела прописи при работењето.
Еднонасочен систем
Даноците се системски дел од државата и тука нема ништо спорно, но поразително е да гледаме како државата е брза и ефикасна кога е во прашање нејзиниот интерес, а е бавна и неефикасна кога треба да испорача заштита на интересот на своите граѓани.
Наплатениот данок од парите кои фирми и поединци ги кратеа од своите буџети за да помогнат на настраданите во Кочани ја покажа грубоста на еден државен систем кој, наместо да функционира во двата правци – од граѓаните кон државата, но и обратно – функционира само во еден правец.
Македонија е земја во која се продолжуваат или поништуваат тендери за да се наштимаат по волја на функционерите, се дава прошка за јавашлакот, се толерираат непочитувани рокови за завршување на работа, царува сива економија која, според проценките, минатата година ја чинела државната каса 700 милиони евра, се простува незнаење и неспособност, се даваат плати и хонорари за членство во илјадници управни, надзорни и други одбори.
На голем дел од територијата не се издаваат фискални сметки за угостителски, трговски и други услуги. Но ете, не се нашол начин како макотрпно собрани 16 илјади евра да останат во Кочани и со нив да се купат лекови и друга медицинска помош за изгорените млади луѓе кои имаа среќа да преживеат.
Може нашите партиски и државни лидери да ја пробдеат ноќта смислувајќи како нивниот кандидат да победи на избори, но Кочани не добива такво внимание. Што се 63 жртви спрема освојување на власт и добивање пристап кон милиони кои можат да се трошат по закон, а можат и по партиска или лична формула.
Случајот со ИПАРД е најсвеж пример за тоа. Или телефонските пораки што си ги разменувале господата даночници со газдите на дискотеката „Пулс“, во кои се зборува за подароци во замена за дојави за инспекции.
Колку одзеде државата од настраданите?
Парите од донациите по платениот данок, во износ од околу 11 милиони денари, биле распоредени на 137 лица кои добиле еднаков износ од 71.900 денари. Ако државата не ги земела тие 16 илјади евра данок, повредените во Кочани можеле да добијат по 116 евра повеќе или по 7.100 денари.
Тоа, се разбира, некому не му изгледа голема сума, но за несреќните млади луѓе кои цел живот ќе живеат со лузните и со морничавите слики на смрт околу себе, значат многу при изборот на квалитетни лекови и завои за нивните рани.
Кога во 2005 година Њу Орлеанс беше погоден од ураганот „Катрина“, неколку фотографи издадоа заедничка илустративна книга во која низ фотографии беше прикажано потфрлањето на властите. Насловот на книгата беше „Гревовите на државата“.
Како ние да ги крстиме гревовите на нашата држава за Кочани и младите луѓе кои ни криви ни должни ги загубија животите при една обична забава и дали ќе биде наплатен, покрај данокот за донациите, и данокот за негрижата






