Мицковски отфрла вмешаност во врвот на ВМРО ДПМНЕ во скандалот со ИПАРД по прозивката од СДСМ: .Да не стигнеме и до некои нивни поранешни функционери и министри….“.

Многу пати сум коментирал во минатото. Ние како Влада сме единствени што кога ќе забележат вакво девијатно однесување, одма реагираат. Тоа е вистинска борба против криминал и корупција. Тие кои се замешани се таму каде што треба да се најдат. Ја повикувам опозицијата да не се кријат зад прашања туку да излезе со тврдења. Ако се толку сигурни во тие тврдења, нека излезат и нека кажат. Замешан е тој и тој. Вака кукавички не оставаат впечаток. Нека ни помогнат – сите кои што имаат докази за злоупотреба, нека дојдат и нека ги достават доказите за да можеме да делуваме“, вака денеска порача премиерот Христијан Мицкоски по обвинувањата на СДСМ дека наводно скандалот со исплатите од ИПАРД-програмите води до врвот на власта.
Премиерот ги отфрли шпекулациите и порача: „Нека не остават да си ја работиме работата, но да не стигне и до некои нивни поранешни функционери и министри….“.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција објави, како што кажа, серија информации, кои според ставот на партијата што го пренесе таа, покажуваат дека скандалот во Агенцијата не е изолиран случај, туку потврда за „системската корупција“, што ВМРО-ДПМНЕ ја воспоставило во неа по доаѓањето на власт.
Она што според портпаролката е интересно, е тоа што осомничениот директор е близок пријател на Игор Миќев познат под прекарот „Панкерот“, кој, пак, како што рече Кузеска, е во кумовска, односно кумашинска врска со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски.
Повикувајќи се на информации што во СДСМ ги доставиле свиркачи, односно лица вработени во Министерството за земјоделство, портпаролката рече дека кумот на Мицкоски, се однесувал деспотски во Министерството и вршел притисоци врз вработени за распределба на средства за субвенции и концесии.






