Членови на ГРОМ и СДСМ ѝ помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ да избере претседател на Советот во Карпош, вели независна советничка

По еден советник од ГРОМ и од СДСМ му помогнале на ВМРО-ДПМНЕ да избере претседател на Советот на Општина Карпош од своите редови, вели советничката од „Независни за Карпош“, Татјана Стојановска, во објава на својот фејсбук-профил.
На денешното гласање советниците го избрале Христо Саракинов, носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ, за прв човек на Советот.
ВМРО-ДПМНЕ, иако победи во градоначалничката трка со кандидатот Сотир Лукровски и освои најголем број места во општинскиот совет, сепак нема мнозинство. Од 27 члена, 12 се од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и еден од ЗНАМ, додека по четири имаа СДСМ, Левица и коалицијата „Искуство за успех“, во која членува и партијата ГРОМ на досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Тројца се независни.
Стојановска рече дека независната група одлучила таа да се кандидира за претседател на Советот за да се оневозможи концентрација на политичката моќ во Општината само во една партија, односно да им се даде можност на другите советнички групи да имаат, како што напиша, „една функција надвор од комплетното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Имаше двајца кандидати, јас и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ. Гласачите мора да знаат дека таа можност ја отфрлија еден член на ГРОМ, Зоран Краљевски, и еден член на СДСМ, Радослав Трошановски. Тие гласаа за претседател на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“,вели Стојановска во објавата.
Инаку, денеска новоизбраниот градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, го доби уверението за мандатот на градоначалничката функција што ќе ја извршува во наредните четири години.
Освен на градоначалникот, претседателот на ОИК Карпош им ги врачи уверенијата за мандатите и на 27-те советници избрани за членови на Советот на Општина Карпош.






