Ѓорѓиевски: Немам дрон, имавме еден во Кисела Вода ама беше 220 грама


Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека Градот не ангажирал дрон за снимање на акцијата за чистење пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, но призна дека имале свој „работен дрон“ со мала тежина, под 220 грама, кој, според него, не подлежи на сертификација и дозволи, објави 4NEWS.mk

„Јас прво сум немал дрон ангажирано таму, фотографии имаме ние меѓу кои има и дронски фотографии кои што не сме ги објавиле ние. Мислам дека друг ги објави сликите, не се сеќавам мислам портал беше, имавме ние работен дрон но под 220 грама кој не подлежи на сертификати и дозволи“, вели Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски изрази подготвеност да соработува со институциите доколку се утврди прекршување.

Првите дронски фотографии ги сподели премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со објава за „голема акција за чистење на сметот во Скопје“. Подоцна, нови видеа и фотографии од истата акција објави и Ѓорѓиевски.

Според податоците на Агенцијата за цивилно воздухопловство, дронот што ги снимаше панорамските кадри од акцијата на 6 ноември не бил пријавен за лет. Во системот немало најавен лет на таа локација ниту во наредните денови кога снимките беа објавени.

Случајот отвори прашања за нееднаков третман, бидејќи претходно годинава новинари на „Ројтерс“ и ТВ21 беа повикани во полиција за користење дрон за време на протест.

Back to top button
Close