СДСМ: Скандалот со ИПАРД води до врвот на власта на Мицкоски
„Корупцискиот скандал со ИПАРД фондовите не е изолиран случај, туку доказ за длабоко вкоренет, организиран систем на злоупотреби создаден и поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Веќе е јасно дека истрагата мора да оди многу повисоко од фатениот директор со обележани банкноти. Мора да се проверат и политичките врски, кумските релации и влијанијата кои ја контролирале распределбата на европските пари. Во целата шема се појавуваат имиња од најблискиот круг на премиерот Мицкоски за кои премиерот одбегнува да одговори“ велат од СДСМ.

Порачуваат „Илија Стоилев, директорот на Агенцијата и функционер на ВМРО-ДПМНЕ е близок соработник на Игор Миќев, познат како Панкерот, кој е во кумска врска со премиерот Христијан Мицкоски. Дополнително, неговата сопруга, кумата на Мицкоски, била вработена во Агенцијата, каде, според доставените информации од свиркачи, без нејзин потпис не се пуштала ниту една исплата од ИПАРД“.
„Ова отвора сериозни прашања за кои Мицкоски мора веднаш да одговори: Дали под истрага се и неговите кумашини Игор и Цветанка Миќеви? Каква е неговата поврзаност? Дали се барале провизии и дали дел од тие пари завршувале кај него или во партијата? Колку пари од субвенции се испумпувале преку мито и злоупотреби?“ велат од СДСМ.
Од партијата бараат „итно проширување на истрагата, испитување на сите инволвирани лица, вклучително и политичките поврзаности на највисоко ниво, и целосно расчистување на овој најголем скандал во земјоделството“.






