Трајановски е предложен за потпретседател на СДСМ оти заедно со Филипче летуваше на јахтата на Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче како верен послушник на Заев го прави тоа што неговиот ментор ќе му го заповеда. Поставувањето на Трајановски за потпретседател на СДСМ од страна на Филипче е еклатантен пример за тоа дека Заев ја води партијата во сенка“, рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека доказ оти поранешниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, сè уште ги држи конците во партијата е токму поставувањето на докторот Александар Трајановски за нејзин потпретседател. Оттаму велат дека причината за ваквото напредување на Трајановски во раководството на СДСМ е тоа што заедно со сегашниот лидер на партијата, Венко Филипче летуваше на грчките плажи, поточно на јахтата на Заев.
„Венко Филипче како верен послушник на Заев го прави тоа што неговиот ментор ќе му го заповеда. Поставувањето на Трајановски за потпретседател на СДСМ од страна на Филипче е еклатантен пример за тоа дека Заев ја води партијата во сенка“рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, тројцата заедно ги поминаа летните денови на плажи во Грција, поточно на скапата јахта на Зоран Заев.
На прес-конференцијата се објавени и фотографии од заедничкото летување на Заев, Филипче и Трајановски.
„Уживаа во парите што Заев и Филипче ги испокрадоа од државата со што ги осиромашија граѓаните, кои преживуваа со едвај 150 денари“кажа тој.
Филипче не го интересира напредокот на СДСМ, па затоа, како што вели Манасиевски, и го поставува Трајановски за потпретседател, кој како кандидат ги изгуби изборите во Општина Аеродром.
„Во недостиг на вистински кадри, Филипче става луѓе блиски до него и до Зоран Заев. Реформите што ги најави Филипче во СДСМ мора да почнат со негова оставка. Срамно е до каде ја доведе некогаш големата СДСМ“вели Манасиевски.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, коментирајќи ги најавените промени во раководството на партијата по резултатот на локалните избори, вчера соопшти дека кандидатот за градоначалник на скопската општина Аеродром, Александар Трајановски, ќе биде назначен за нов потпретседател на СДСМ.
„Тој е исклучително посветен на партијата. Имаше одлична кампања на локалните избори и привлече многу внимание. Сметам дека ова ќе биде значајно кадровско зајакнување на ова ниво на партијата“рече тој.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Аеродром. Тој е специјалист ортопед и трауматолог и поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија и реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а досега беше член на Извршниот одбор на СДСМ.
Оваа промена доаѓа откако по вториот изборен круг од локалните избори, поднесе оставка една од потпретседателите на СДСМ, Ана Чупеска.






