Мицкоски смета дека локацијата на ГОБ „8 Септември“ е најдобра за нов клинички центар
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека локацијата каде се наоѓа Градската општа болница „8 Септември“, поранешна Воена болница е најдобра за нов клинички центар, особено поради добрата сообраќајна инфраструктура. Ова тој го кажа, давајќи изјави за месиумите откако присуствуваше на настанот на кој се одбележаа 25 години од основањето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Сепак, посочи и дека сега, по завршувањето на локалните избори се посветени на неколку други инфраструктурни проекти од здравството.
„Она што сега го работиме е продолжување на постапката за изградба на Клиничката болница во Штип, Медицинскиот факултет и Студенстскиот дом, потоа болницата во Кичево со проширена дејност и реконструкција на Клиничката болница во Тетово“,рече тој.
Откако ќе почне тој процес, потоа, како што додаде, ќе можат да се посветат на плановите за изградба на нов клинички центар.
Сепак, смета дека локацијата на ГОБ „8 Септември“ е најсоодветна за тоа.
„Има пристап до гас и исклучително добра сообраќајна инфраструктура. Мислам дека како целина може сериозно да се разгледува со лесна надградба да дојдеме со она што го посакуваме како држава и пациентите што ќе го добијат како квалитет. Сепак, треба да видиме што ќе кажат и експертите. Ова е лично мој став“кажа премиерот.
Во однос на финасиската конструкција, посочи дека треба да се види колку би се интервенирало во надградба, во модернизација и во број на кревети.
„Ајде, да дојде до таа фаза, па ќе споделуваме повеќе информации со јавноста“,вели Мицкоски.
Инаку, ваквата опција Мицкоски ја истакна и за време на посетата на Градската општа болница „8 Септември“ кон крајот на октомври годинава.
Министерот за здравство Азер Алиу, пак, пред неколку дека соопшти дека се разгледуваат три можни опции за новиот клинички центар, кој е окарактеризиран како еден од клучните проекти во првата фаза од здравствената реформа.
Првата е за реконструкција и модернизација на веќе постоечкиот клинички кампус, втората е изградба на сосема нов клинички центар на нова локација, а третата е префрлање на целиот комплекс на просторот кај ГОБ „8 Септември“.
Инаку, изградба на нов клинички центар е предизборно ветување на неколку влади досега.






