Беџети: Против мене се води политичка хајка со цел зголемување на парламентарното мнозинство
Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети, оцени дека кривичната пријава што против него како кон ексградоначалник на Општина Сарај ја поднесе Финансиската полиција е дел од организирана и политички мотивирана хајка зад која стои директно премиерот Христијан Мицкоски. Целта, според Беџети, е да се изврши притисок врз него како пратеник со цел зголемување на парламентарното мнозинство во Собранието.

Говорејќи на прес-конференција во парламентот, Беџети порача дека ниту тој ниту кој било друг од пратениците од редовите на ДУИ нема да попушти пред притисоците на власта.
„Кривичната пријава поднесена од страна на Финансиската полиција е целосно неоснована и затоа против директорот Слободан Ивановски, заменик-директорот Илбер Имери и уште две лица, кои заедно со нив учествувале како организирана банда во оваа политичка хајка ќе поднесеме соодветна пријава. Преку доказите со кои располагаме ќе докажеме за наредбите кои доаѓаат директно од премиерот Мицкоски, кои се директен обид за вршење притисок врз мене како пратеник за зголемување на мнозинството во парламентот“,
изјави Беџети и додаде дека никој од пратениците на ДУИ нема да потклекне и да премине во ВЛЕН.
Во одговор на новинарско прашање за клучниот аргумент во пријавата од Финансиската полиција – дека било дадено одобрение за градба во момент кога немало ДУП, Беџети вели дека Деталниот урбанистички план бил донесен во времето кога тој бил градоначалник, а министер и градоначлник на скопје биле од ВМРО-ДПМНЕ.
Тврди дека сите постапки на Општина Сарај биле спроведени законски и со валидни документи.
Финансиската полиција поднесе кривични пријави против ексградоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, шестмина вработени во Општината и во Град Скопје и еден надзорен инженер поради тоа што изготвиле и издале документ за градба со невистинита содржина на фирма од скопско Глумово за катастарска парцела за која нема ДУП.
На овој начин, според Финансиската полиција, ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања и ѝ овозможиле на формата „Азра Идриз“ од село Глумово да се стекне со имотна корист од околу 1,8 милиони евра.






