Здружението на новинари поднесе пријава до МВР за малициозен онлајн напад врз профилите на „Слободен печат

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) поднесе официјална пријава до единиците за сајбер-криминал при МВР, откако на Инстаграм-профилот на „Слободен печат“ беа забележани сомнителни активности, нетипични коментари од неавтентични профили и нагло намалена видливост на објавите, што укажува на малициозен онлајн напад врз медиумот.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) внимателно ги следи информациите за случувањата поврзани со Инстаграм профилите на „Слободен печат“ и објавата од 6 ноември 2025 година, соопшти ЗНМ.

„Според информациите од редакцијата на ‘Слободен печат’, под објавата од 6 ноември на нивниот Инстаграм профил, за краток временски период се појавиле голем број нетипични коментари, вклучувајќи и коментари од сомнителни профили кои не се автентични следачи на овој медиум на оваа социјална мрежа. Истовремено, редакцијата посочува дека во тој период е забележан и значителен пад на видливоста на објавата во однос на нивните вообичаени резултати, со што нивните содржини биле ограничени до помала публика,“ се вели во соопштението на Здружението на новинари на Македонија.

 

ЗНМ принципиелно смета дека секој обид за координирано користење на лажни или неавтентични профили со цел да се наруши угледот на медиумите, се додава, да се загуши јавната дебата или да се влијае врз алгоритамската видливост на новинарски содржини е неприфатлив. Ваквите појави, независно од нивниот обем, придонесуваат за токсична онлајн средина и го отежнуваат работењето на редакциите а публиката може да се доведе до заблуда.

„Во интерес на точна фактографија и јасна постапка, до единиците за сајбер криминал и дигитална форензика при МВР од страна на адвокатите на ЗНМ беше доставена официјална пријава за овој случај. Во истата, меѓу другото се бара да се утврди потеклото и природата на активностите и, доколку има основа, да се побара соработка со компанијата ‘Мета’ за увид во релевантните технички податоци. Во исто време, потсетуваме дека платформите како ‘Мета’ (Фејсбук/Инстаграм) имаат одговорност да обезбедат транспарентни и доследни правила, особено кога станува збор за чувствителни теми од јавен интерес и за медиуми кои професионално информираат за нив,“ потенцираат од ЗНМ.

Од Здружението потенцираат дека ги охрабруваат сите редакции кои се соочуваат со слични појави првин, веднаш да ги зачуваат релевантните дигитални докази како што се: линкови, скриншотови, „скролшотови“ (scrollshots) со јасно видлив датум и час, „скрин-рекординзи“, како и „Инстаграм инсајтс“ (Instagram Insights – reach/impressions/engagement) – и да ја контактираат канцеларијата на ЗНМ за координација, со цел институциите да можат навреме и ефикасно да постапат.

„Паралелно, ЗНМ ќе продолжи да ја зајакнува практичната поддршка за новинарите и за редакциите во вакви и слични ситуации, преку појасни насоки, алатки и механизми за постапување при дигитални напади. Овој случај уште еднаш покажува дека координираните, честопати автоматизирани активности и злоупотребата на алгоритми може тивко да ја нарушат видливоста на содржини од јавен интерес. Затоа е клучно редакциите навремено да ги препознаат ваквите појави, систематски да ги зачуваат дигиталните траги и без одлагање да побараат стручна и институционална поддршка,“ заклучуваат од ЗНМ

Back to top button
Close