СДСМ не смее да го игнорира, ниту да го заборави поразот, вели Петровска
Многу причини доведоа до поразот на СДСМ на локалните избори, кој, за жал, е најголем во историјата на постоењето на СДСМ, вели пратеничката Славјанка Петровска во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Таа вели дека состојбата не смее да се игнорира, ниту да се остави на случајност и додава дека отсуството на дебата за претходните изборни резултати придонела за сегашниот пораз.
„Заради никакви причини не смееме ниту да го игнорираме, ниту пак да се обидеме времето да го заборави. Tоа ќе биде повторно најлошо нешто што може да му се случи на СДСМ…Кои се причините конкретно, веќе во партијата се започнати процеси на консултации или дискусии помеѓу разни групи, пратеничка група, градоначалници, кандидати и така натаму, раководство верувам, за да се искаже мислењето, ставот на секој еден од нас поединечно за тоа кои беа причините за овој пораз. Ако јас се прашувам и за да одговорам на вашето прашање, јас ќе кажам дека ни требаат неколку часа емисија за да ги наведам сите причини. Меѓутоа, вака во една реченица ќе кажам дека неодговарањето на прашањата за тоа зошто минатата година го доживеавме поразот, па ако сакате да се вратиме и наназад на изборите циклуси локалните во 2021 година, па и резултатот којшто иако беше поволен да кажам во 2020 година врз основа на кој формиравме влада тогаш, сепак не не беше по мене задоволителен“, кажа Петровска.
Според неа, актуелниот партиски лидер, Венко Филипче, има сериозна задача и предизвик да најде начин на којшто СДСМ ќе излезе од оваа ситуација.
„Не би рекла дека е поволна и не би рекла дека е добра од две причини. Прво, заради тоа што СДСМ е партија која постои со осамостојувањето на оваа држава и зад себе покрај грешките од минатото, се разбира и поблиското и подалечно, меѓутоа имаме исклучителни големи резултати и голем влог во оваа држава. Партија како СДСМ па и кога сме биле во опозиција и е нужно неопходна на Македонија заради граѓаните. И за да не дозволиме да ни се повторуваат некои сценарија од поблиското минато, кога години ни требаше да се ослободиме од некаков режим. Во секоја држава, особено во вакво опкружување опозицијата е потребна за граѓаните и за државата, така што тоа се за мене две клучни причини или голем предизвик заради кои претседателот ќе мора да ја понуди како што реков програма, платформа или како и да се нарече тој предлог“, рече Петровска за РСЕ.
Прашана дали после овој изборен резултат Филипче треба уште да биде претседател на СДСМ, Петровска кажа дека функционирањето на партијата не го врзува само со една личност, но посочи дека е многу важно после овој пораз, СДСМ да излезе со тим на луѓе кои ќе знаат како да ја вратат партијата на победничката патека.
Извор: 360stepeni.mk






