Петров- Во низата појавувања на Црвенковски во кампањата за изборите сакал да испрати „некаква порака“ не било ништо случајно

Поранешниот генерален секретар на СДСМ и градоначалник на Карпош, Андреј Петров, изјави дека по катастрофалниот пораз на локалните избори, партијата мора повторно да ги врати внатрепартиските дебати преку кои, како што посочи, со години излегувале квалитетни кадри.

-Претседателот е прв одговорен во поразите, а во победите заслугата е колективна. Сум бил сведок на повеќе оставки на претседатели на партијата, мачни биле. Брзи одлуки не се потребни, треба да се преспие па потоа со ладна глава да се направи една длабинска анализа – рече  Петров на Сител.

Тој истакна дека поранешниот лидер на партијата, Бранко Црвенковски, со низата фотографии објавени во јавност за време на изборниот процес „сака да испрати некаква порака“ и дека тоа не е случајно.

Според него, промената на името не и наштетила на партијата затоа што била „добробит за државата“, туку дека проблемите произлегуваат од други грешки на раководствата.

-Низа корупциски скандали, заборавање на членството-сте ветиле нешто, не сте исполниле, ставате луѓе на функции кои 100 души не ги знаат. Ако во чаршија никој не ви рече добар ден, не сте за политика. Договорот со Бугарија народот го оцени како лош – нагласи Петров.

Тој потсети на времето кога, како што рече, се воделе долги внатрепартиски расправи.

-Ние имавме дискусии по шест, по седум, осум саати сме останувале на дебати на одборите. Потребни му се на СДСМ квалитетни луѓе внатре – рече Петров.

Воедно, тој порача дека СДСМ мора јасно да покаже дека не работи во интерес на опозицијата.

-Треба да покажат дека не сме во служба на ВМРО-ДПМНЕ и дека ВМРО-ДПМНЕ не ги остварува интересите преку СДСМ, тоа треба да го покажат пред јавноста – изјави Петров.

Back to top button
Close