Младеновска: Власта молчи за скандалот со непотребни операции на срце

Поминуваат денови од откривањето на еден од најстрашните скандали во македонското здравство со непотребни операции на срце направени во приватни клиники. Наместо експресна реакција, наместо објавување на сите информации, наместо одговорност власта со денови молчи, изјави денеска на прес-конференција Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

-Се уште нема изнесено целосни информации пред граѓаните, не е објавен извештајот, инволвираните, кои се лекарите, кои се приватните клиники. Се крие од јавноста кој од докторите дал индикации за операциите. И се уште нема поднесено ниту една кривична пријава.

Не може злоупотреба на здравствената професија за профит на поединци вака да се третира. Што се чека? Како некој да се обидува да го заташка овој монструозен случај. Дали некому му се дава време да ги сокрие трагите, да „исчисти“ документи? – рече Младеновска.

Таа посочи дека „вакво однесување е неспоиво со одговорна, транспарентна и сериозна држава“.

-Емоцијата на скандалот е поголема од бројките затоа што станува збор за човечки животи. Зборуваме за луѓе кои преживеале пекол а сега дознаваат дека нивната операција била непотребна. Дека некој ги гледал како профит, како средство за нечие богатење.

Не може вакви скандали да се заташкаат. СДСМ ќе се бори за објавување на целата вистина и за одговорност – истакна Младеновска.

Според неа, ова е тежок скандал кој мора да биде третиран со максимална транспарентност и максимална одговорност.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close