Рама, апсолутен шампион во прескокање поглавја, за нас „грозјето е зелено“
Денко Малески
Немаше поголем доказ за спремноста на ЕУ да прими нови членки од Западниот Балкан од вчерашната прослава кога Еди Рама, како апсолутен шампион во трката на прескокање на поглавја, сечеше торта во Брисел. Но еве парадокс.

Веднаш по сцената од Брисел, на нашите ТВ екрани се појавува претставник на владеачката партија кој ја информира публиката дека, во разговор со некој влијателен во ЕУ, разбрал дека таму го нема она што тукушто го видовме со нашите очи на екраните: желба за проширување. Па ова е толку прозирно што низ него може да види и седумгодишно дете, помислив.
Тогаш имено ја прочитав приказната на Лафонтен која се однесува на една лисица која се обидува да го изеде грозјето од една лозница ама не успева да го дофати. Приказната ми беше забавна, но подоцна го разбрав нејзиниот морал кој зборува за важноста од чесност и интегритет, зашто лесно е да презираш нешто што не можеш да го добиеш. Така, наместо да признае пораз, лисицата, симболот на итрината, вели дека грозјето е зелено. Представникот на ЕУ во Скопје, следиме натаму на екраните, интервенира со зборови на уверување дека ЕУ искрено не сака во своите редови. А бидејќи е лесно да си полемичен а тешко да си конструктивен, дебатата продолжува во истата неконструктивна насока.
Претседателката уфрла нова топка во „играта“, овој пат рагби-топка и бара не само ЕУ да не евалуира нас туку и ние „да го евалуираме евалуаторот“. И се во духот дека ние не сме доживеале пораз, туку дека грозјето е зелено.
Потрошив децении објаснувајќи им на македонските политичари дека без да го апсолвираат „законот“ на политиката дека сојузите се формирани за да ги бранат инетересите на своите членки, нема напредок за нашата држава во европските интеграции. 25 години спор со Грција не им беше доволно време да ја научат лекцијата. За да одбегнат тешки и непопуларни одлуки, за спокојно да си ги истераат мандатите, упорно се повикуваат на принципите и правото. Принципите и правото се, како рекол Русо, „идеали положени на небото“. Реалноста е одлучувачка.
Зборувајќи за искреност на ЕУ. Зарем никој од денешниве политичари не стекнал искрен пријател од ЕУ или Америка, како што, не ретко, ми се случуваше мене на почетокот од деведесеттите, кој би ги тргнал на страна и би им шепнал дека во меѓународната политика се е политика?!






