Ракометарите на Вардар се вратија на првото место

Ракометарите на Вардар со нова победа постигната вечерва пред своите навивачи против Кристијанштад со 35:30 се вратија на првото место во групата Ф од Лига Европа. Ова беше трет триумф на „црвено-црните“ во четвртиот дуел.

Почетокот на натпреварот им припадна на гостинските ракометари, кои имаа постојано минимално водство. Но, „црвено-црните“ со серија од 3-0 го презедоа водството кое го имаа до крајот на првиот дел. Во второто полувреме гостите од Шведска успеаја да изедначат во два наврати, а потоа избраниците на Иван Чупиќ направија серија од 5-0 за водство од 27:22. До крајот на дуелот „вардарци“ имаа водство и од највисоки +6 (35:29).

Најефикасен кај Вардар беше Дмитро Хориха со 9 голови, додека одличен на голот беше Милош Валах со 15 одбрани.

Во вториот дуел од групата вечерва играат Тулуз и Сесвете.

Вардар во следното коло игра на гости против хрватскиот претставник Сесвете.

Back to top button
Close