Кога образованоста не носи мудрост – Реакција на ставовите на Кирил Петков
Кокошката, свињата и францускиот предлог: политичка алегорија за нашата иднина
Со внимание го следев интервјуто на екс премиерот на Бугарија Кирил Петков, објавено на порталот ,,Журнал” на 23.11. 2025 година. Единствени теми беа државните односи помеѓу Бугарија и Македонија, како и местото на ЕУ во нашите меѓусебни односи.

Кирил Петков е високо образован политичар кој завршил на Универзитетот Британска Колумбија во Ванкувер -Канада и магистрирал на Харвард меѓу десетте најсилни од неговата генерација магистри. Вокабуларот во целиот разговор беше на пристојно ниво, но целите кои ги искажа како ставови се целосно неприфатливи за мене, а убеден сум и за многумина мои сограѓани.
Францускиот предлог за отпочнување на преговори за влез во ЕУ, според кој Македонија мора да го отвори Уставот за внесување на 3.504 Бугари, регистрирани во Република Македонија, за господинот Петков е многу лесна одлука, бидејќи со ваквото прифаќање на Бугарите во нашиот Устав, ние ќе креираме заедничка иднина не само меѓу Македонија и Бугарија, туку и на целиот Балкан.
Ваквата изјава ми делува несериозна, а еве и зошто: за бугарските водечки политички партии, во основа македонската национална посебност е лажна, како и нашиот литературен македонски јазик и нашата македонска историја, култура и уметност. Замислете, не ни го признаваат нашиот национален идентитет во сопствената матична држава, Македонија! Од друга страна, Македонците коишто живеат во соседна Бугарија немаат право да се декларираат како Македонци.
За односот на бугарската држава кон Македонци во Пиринскиот дел, говорат пресудите за човекови права во Стразбург, а ги има повеќе од 15. Советот за човекови права носи пресуди во корист на Македонците во соседна Бугарија, а бугарската држава целосно ги игнорира.
Господинот Кирил Петков во времето на неговиот мандат како премиер беше присутен при отворањето на бугарскиот клуб ,,Ванчо Михајлов” во Битола, (историски лик кој што оставил длабоки траги во минатото, непријатни за нас Македонците). За господинот Петков отворањето на Уставот на Македонија е нормална работа, додека отворањето на Уставот на соседна Бугарија е сериозен проблем зашто Македонците би сакале да им се дозволи на етничките заедници кои не се чувствуваат како Бугари, да се изјаснат согласно сопствените чувства на национална припадност.
Ваквите потези и изјави на екс премиерот Кирил Петков само ја потврдуваат идејата за обновување на Санстефанска Бугарија во која ние Македонците, како национална посебност, треба да исчезнеме од светската мапа на народи и нации. Ваквата изјава ме потсетува на едни дамнешни времиња, кога во бившата СФРЈ во стопанството имаше недостаток на готовина финансиски средства. Во тие времиња се практикуваше компензација, што значи наместо плаќање во готово да се компензира стока со стока или услуга со услуга.
Во таквите моменти кога се правеа ваквите компензации мораше да постои дигнитет и заемен интерес. Непромислениот, налудничав начин на компензација знаевме да го дискутираме низ шега: „кокошката и свињата решиле да прават компензација само со една цел да преживеат. Кокошката и вели на свињата, ти ќе дадеш масленце, јас јајце, ќе јадеме и ќе си живееме. Најнапред свињата се согласила. Кога дошол моментот свињата да се заколе, таа во паника изјавила: ,, Па вие мене треба да ме заколете за да имате масленце”.
Шегата настрана, првобитната одлука на свињата за прифаќање на компензација е многу слична на одлуката на експремиерот на Македонија Ковачевски кој го прифати Францускиот предлог.
Што е разликата меѓу шегата со кокошката и свињата и господинот експремиер Ковачевски. Свињата не дозволила да се заколе и компензацијата пропаднала, додека прифаќањето на Францускиот предлог од страна на Ковачевски е вистинско предавство за нас, колење на идентитетот, Македонците и нашата национална посебност. Болката е што тоа е официјално прифатен документ од страна на тогашната Влада на Република Македонија, што во основа значи државна одговорност за негово исполнување. Прашањето ми е, каква ќе биде нашата иднина ако истиот го имплементираме во нашиот Устав?
Многумина мои сограѓани се убедени дека со самото влегување на Македонија во ЕУ во Македонија ќе почне да тече мед и млеко за сите граѓани на државата, дека ЕУ заедницата ќе нѐ храни, чува и ќе води грижа за нас. Бидете убедени мои сограѓани, додека сами за себе не покажеме интерес за себе одржување и натамошен напредок во сите сфери на нашето живеење, вклучително и националниот идентитет, нема никој од страна да нѐ чува.
Разочаран сум од експремиерот на Бугарија Кирил Петков од причина што на многу површен начин нѐ третира како држава, не покажувајќи почит кон нас Македонците.
Високо образован кадар од светски маштап ама со тесни национални погледи, за мене претставува опасност со која тешко ќе се справуваме.
Деновиве одекна во јавноста информација дека во највисоките кругови (претседателот и премиерот на Македонија) се креира нов меѓудржавен предлог меѓу Македонија и Бугарија, со цел да се надмине овој проблем.
Порачувам, бидете внимателни! Карактерот што го покажавте како владеачка партија за нашата македонска посебност е силен.
За некои работи во денешната реалност, компромис не смее да има. Несериозноста може сериозно да нѐ чини.






