Вработените во ЕК бараат скратено работно време, работа од далечина и заштита од „прегорување“

Вработените во Европската комисија бараат пократко работно време, повеќе работа од далечина од странство и заштита од „прегорување“ (burnout), додека извршната власт на ЕУ започнува внатрешна ревизија што би можела да доведе до значителни промени.

Најпопуларното прашање за време на хибридниот состанок на сите вработени во Комисијата со работната група за промена на работните практики беше за можноста за намалување на работната недела под 40 часа, објави денеска „Еурактив“, повикувајќи се на видеото од состанокот во кое имале увид. Европскиот комесар за јавна администрација, Пјотр Серафин, им порача на вработените да ги намалат своите очекувања, наведувајќи дека ревизијата на деловните практики се спроведува во време на тешки преговори за следниот буџет на ЕУ и дека владите на земјите-членки не се подготвени да финансираат поголем административен апарат.

Еврокомесарот рече дека побарал од земјите-членки да финансираат дополнителни 2.500 службеници во новиот буџет на Комисијата, но дека идејата била речиси едногласно отфрлена. Предлогот вработените да имаат најмалку 30 дена работа од далечина од странство доби поддршка од вработените, но Серафин го отфрли, наведувајќи дека сегашните десет дена се доволни. Вработените, исто така, посочија на преоптоварување, емоционална и интелектуална исклученост и зголемен број случаи на „прегорување“(burnout).

Главниот менаџер за човечки односи во ЕК, Стивен Квест, ги негираше обвинувањата, нагласувајќи дека благосостојбата на вработените е приоритет на Комисијата.
Поранешната генерална секретарка на Комисијата, Кетрин Деј, која води надворешни консултации за процесот на промена на работните практики, ги негираше обвинувањата дека се разгледуваат трајни намалувања на работни места.
Конечните препораки за промени во начинот на кој работи Комисијата, ќе бидат предложени на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и на другите комесари до крајот на 2026 година.

Back to top button
Close