Грета Тунберг казнета и привремено протерана од Венеција по акцијата со зелена боја во Големиот канал

Шведската активистка Грета Тунберг доби забрана за влез во Венеција и казнета со 150 евра откако таа и група активисти од организацијата „Бунт против изумирањето“ истуриле зелена боја во Големиот канал.
Венецијанските власти ѝ воведоа 48-часовна забрана за влез, објаснувајќи дека таа „повеќе е заинтересирана за самопромоција отколку за заштита на животната средина“.
Инцидентот се случил за време на викендот, кога околу 35 активисти протестираа против уништувањето на животната средина, пренесува „Танјуг“.
Тие носеа транспарент „Стоп на екоцидот“, истурија зелена и црвена боја во Големиот канал и „маршираа“ низ групи туристи со превези на главите, пишува „Дејли меил“.
Гувернерот на регионот Венето, Лука Заја, го осуди дејствувањето на активистите како „непочитување кон Венеција, нејзината историја и нејзината кршливост“.
„Уште повеќе сум изненаден што ја гледам Грета Тунберг меѓу авторите на овој бескорисен протест, кој јасно има за цел – повеќе од подигање на свеста за животната средина, да си даде видливост“, рече тој.
И други активисти беа казнети со истата казна.
Активистите на „Бунтот против истребувањето“ спроведоа слични акции во други италијански градови – Болоња, Џенова, Милано, Падова, Палермо, Парма, Трст, Торино и Таранто, наведувајќи дека нивната цел е да ја подигнат свеста за „масивните последици од климатскиот колапс“, а ја избраа Италија затоа што наводно е една од земјите што најмногу се залагала за спречување на усвојувањето на предлозите презентирани на самитот COP30.






