Гроси: За нуклеарната централа Запорожје ќе треба посебен договор

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска изјави дека нуклеарната централа Запорожје ќе има потреба од „посебен статус“ и договор за соработка меѓу Русија и Украина во случај на постигнување мировен договор.

Неговите коментари доаѓаат во моментот кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повторно интензивно настојува да стави крај на војната.

Руските сили ја зазедоа најголемата европска нуклеарна централа со шест реактори во првите недели од инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Објектот во моментов не произведува електрична енергија, а двете страни редовно меѓусебно се обвинуваат за воени акции кои ја загрозуваат нуклеарната безбедност.

Гроси нагласи дека соработката ќе биде клучна, без разлика кој ќе ја контролира централата во иднина.

– На која било страна од линијата да заврши, ќе мора да имате кооперативен аранжман или кооперативна атмосфера, рече тој.

Тој предупреди дека без мир постои постојана опасност од нуклеарна несреќа.

– Сè додека војната не запре или додека не дојде до прекин на огнот или додека оружјето не замолкне, секогаш постои можност нешто да тргне многу, многу погрешно, изјави Гроси.

– Ниту еден поединечен оператор не може да користи нуклеарна централа кога преку реката се наоѓа друга земја која се противи на тоа и која би можела да преземе акции против тоа, додаде шефот на МААЕ.

Back to top button
Close