Трамп планира директно да разговара со Мадуро

Американскиот претседател, Доналд Трамп, им кажал на соработниците дека планира директно да разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, објави денеска Аксиос, повикувајќи се на извори од американската администрација.

Порталот наведува дека засега нема прецизни информации за тоа кога би можел да се одржи  разговорот, освен дека е во тек неговото планирање.

„Никој не планира да влезе во Венецуела, да го застрела Мадуро или да го киднапира. Не би рекол никогаш, но тоа не е планот во овој момент. Во меѓувреме, ќе ги дигнеме во воздух бродовите што превезуваат дрога. Ќе ја запреме трговијата со дрога“, рече неименуваниот функционер.

Досега, во воената операција на американските сили, наречена „Операција Јужно копје“, убиени се најмалку 83 лица во 21 ракетен напад врз бродови за кои се тврди дека превезуваат наркотици во САД.

„Имаме тајни операции, но тие не се наменети да го убијат Мадуро. Планирани се за да се спречи труењето со дрога. Меѓутоа, доколку Мадуро си замине, нема да пролееме солзи. Тој е нарко-терорист“, рече претставникот на Белата куќа.

Во меѓувреме, американскиот генерал Ден Кејн, за кого се вели дека е „мозокот“ на „Операцијата Јужно Копје“, го посети Порторико, каде што се стационирани околу 10.000 припадници на американските сили.

САД вчера официјално го означија венцуелскиот нарко-картел „Картел де лос Солес“ како терористичка организација.

Администрацијата на Трамп го обвини Мадуро дека го предводи картелот, што тој го негира.

Пред соопштението од Вашингтон, венецуелската влада го отфрли планот на Соединетите Американски Држави да го означат она што го нарекуваат „непостоечки“ Картел де лос Солес како терористичка организација.

Back to top button
Close