Врховниот суд на Бразил ја заврши судската постапка против Болсонаро, сè уште не се знае кога ќе оди во затвор

Врховниот суд на Бразил денеска и формално го заврши случајот на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро, со што казната од 27 години и три месеци затвор се смета за конечна.

Судот претходно овој месец ја отфрли жалбата на Болсонаро на пресудата, но сè уште не е објавено кога Болсонаро ќе почне да ја издржува казната, објавуваат британските медиуми.

Болсонаро беше осуден во септември за заговор за државен удар откако ги загуби претседателските избори во 2022 година од актуелниот левичарски претседател Луиз Инасио Лула да Силва.

Болсонаро е во притвор од неделата откако беше утврдено дека за време на домашниот притвор се обидел самоиницијативно да ја отстрани електронската алка од ногата.

На рочиштето во неделата, тој негираше каква било намера да избега или да се обиде да ја отстрани алката од ногата, припишувајќи го своето однесување на мешавина од антиконвулзивни лекови препишани од разни лекари за хроничното икање, што го навело да си замисли дека во електронскиот уред за негово следење имало опрема за прислушување.

Back to top button
Close