Професорот Сашо Георгиевски и адвокатите Јордан Апостолски и Наташа Бошковска предложени за судија во ЕСЧП

Како што информира претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на денешната прес-конференција, одлуката ја донеле врз основа на критериумите за висок морален углед, квалификации за судиска функција и признат правнички углед.
„Мал број кандидати го исполнуваа вториот услов, квалификации за вршење на судиска функција. Професорот Георгиевски е признат како угледен стручњак, додека, двајцата адвокати избрани имаат неспорно значајни искуства во човекови права“, рече тој.
Како што информира Костадиновски, се гласало тајно за сите кандидати. Двајца од избраните кандидати добиле по пет гласа, еден четири.
До крајот на неделата имињата ќе бидат испратени до експертскиот панел на Советот на Европа, кој ќе даде конечна оценка.
„Кога ќе го добиеме одговорот, ние тогаш на Владата ќе ѝ кажеме дека нашиот избор го добил или не го добил зеленото светло од експертскиот панел и во зависност од одговорот постапката продолжува“,
појасни Костадиновски.
Како што дополни тој, откако ќе ја известат Владата, таа треба да ги предложи до Комитетот при Советот на Европа.
„Потоа ќе се спроведе постапка на интервјуирање од Комитетот при Советот на Европа, дури потоа предлогот оди на пленарен состанок на Совет на Европа. Следниот е во јануари, се сомневам дека ќе стигнеме, другиот е во април, до април треба да стигнеме“,рече Костадиновски.
Покрај избраните, меѓу кандидатите биле Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ и Ана Дангова Хуг.
Претседателот на Уставниот суд информира и дека Комисијата постапувала согласно насоките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која претходно имаше замерки за можен судир на интереси. Тој нагласи дека по одлуката на ДКСК, дел од членовите за кои било побарано изземање, се изземале од гласање за одредени кандидати.
За потсетување, Владата на 22 јули ја поништи претходната листа од тројца кандидати и ја промени Комисијата. Од претходната од деветчлена комисија, во новата петчлена остана единствено директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски. Покрај неа се и претседателите на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на Врховниот суд, Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, и претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Бесник Авдија.






