Ветераните на ОВК: Следниот протест за поддршка на Хашим Тачи ќе биде организиран во Скопје

Претседателот на Организацијата на ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хисни Гуцати изјави дека следниот протест на ветераните во поддршка на поранешните водачи на ОВК во Хаг, овој пат конкретно поради статусната конференција против Хашим Тачи закажана за 28 ноември, ќе се одржи во Скопје, од каде што ќе биде испратена „силна порака“, објави косовски „Фронт Онлајн“.

„Познато е дека веќе протестиравме неколку пати на различни места, шест или седум протести по ред, сега следниот е во Скопје, каде што ќе одиме силно“, рече Гуцати.

Здружението на ветераните на ОВК изразило разочарување од одлуката на Специјалниот суд во Хаг да закажат подготвителна конференција против поранешниот претседател на Косово и еден од бившите лидери на ОВК, Тачи точно за 28 ноември, како што велат, најзначајниот ден во албанската национална историја, пишува „Фронт Онлајн“.

„28 ноември е денот кога Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег го крена знамето во Круја, тоа е денот на независноста на Албанија, роденденот на командантот Адем Јашари и датумот на јавниот настап на Ослободителната војска на Косово. За нас, овој датум е идентитет, жртва и гордост“, соопштил Куцати.

Организацијата ја нарече оваа одлука на Хаг навреда за националните чувства, велејќи дека изборот на овој датум ја игнорира „историската реалност на народот на Косово и покажува недостаток на чувствителност и едностран пристап кон историјата на ослободувањето“.

„За ОВЛ-ОВК, одржувањето судско рочиште на овој датум претставува навреда за нашите национални чувства и непочитување кон историската реалност на народот на Косово. Овој непотребен и бесмислен избор само го продлабочува верувањето дека Специјализираните комори продолжуваат да покажуваат недостаток на чувствителност и едностран пристап кон нашата историја на ослободувањето и кон оние кои ја водеа борбата за слобода“, се вели во соопштението.

Организацијата на воени ветерани на ОВК одржа неколку протести во последните месеци, како во Косово, така и во други земји, со цел да се спротивстави на судењето на поранешните лидери на ОВК во Хаг, кое го смета за неправедно и политички мотивирано.

Во претходниот период беше лиферувана информација дека големиот протест во Скопје за поддршка на поранешните лидери на косовската ОВК, ќе го организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Протестот се очекува да биде организиран во првата половина на декември.

Back to top button
Close