Маск ја спореди ЕУ со нацистите, X го укина рекламниот профил на Европската комисија
Два дена откако ЕУ изрече голема финансиска казна на платформата X, социјалната мрежа го укина профилот за огласи на Европската комисија, а сопственикот Илон Маск ја спореди Унијата со нацистичка Германија.

„Вашиот профил за огласи е укинат“, напиша во неделата раководителот за производи во X, Никита Бир, како одговор на објавата на Европската комисија со која беше најавена казна од 120 милиони евра поради прекршување на правилата за транспарентност, односно Законот за дигитални услуги.
Бир наведе дека од профилот на ЕК бил објавен пост кој „ги наведува корисниците да помислат дека станува збор за видео и вештачки го зголемува досегот“. Профилот на Европската комисија сè уште е видлив, како и нејзините објави.
Во меѓувреме, технолошкиот милијардер Маск продолжи да го изразува своето непријателство кон „тиранската, неизбрана бирократија која ги угнетува жителите на Европа“.
Маск сподели коментар од корисник кој ја нарече Европската унија „Четвртиот Рајх“, заедно со фотографија на знамето на ЕУ кое се лупи и под него се појавува нацистичко знаме со свастика.
ЕУ во петокот објави дека казната е изречена поради тоа што платформата ги доведувала корисниците во заблуда, им ускратувала податоци на истражувачите и не ги документирала транспарентно огласите кои се прикажуваат.
Комисијата наведе дека износот на казната е пропорционален на прекршокот. Маск на X одговори со повик за укинување на Европската унија.
Казната предизвика реакција и во САД – државниот секретар Марко Рубио ја нарече „напад врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ“.






