Трамп загрижен поради спојувањето на Netflix и Warner Brothers: „Тоа може да биде проблем“
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази силна загриженост околу најавеното преземање на Warner Brothers Discovery и стриминг-мрежата HBO од страна на Netflix – договор вреден 72 милијарди долари и еден од најголемите во историјата на филмската индустрија, пренесува BBC.

Спојувањето би создадило медиумски гигант со невидена моќ: под капата на Netflix би преминале култни франшизи како „Хари Потер“, „Игра на тронови“, „Лудите Мелоди“ (Looney Tunes), „Матрикс“ и „Господар на прстените“.
Трамп предупреди дека Netflix веќе има „огромен удел на пазарот“ и дека комбинираната сила на двата бренда „може да биде проблем“. Тој најави дека лично ќе се вклучи во процесот на одобрување на зделката
Спојувањето мора да помине низ строга проверка во Одделот за конкуренција при американското Министерство за правда. Доколку регулаторите оценат дека новата компанија би доминирала на пазарот на стриминг-услуги, зделката може да биде блокирана.
Трамп, зборувајќи на настан во Центарот „Џон Ф. Кенеди“, истакна дека со овој договор Netflix значително би го зголемил својот пазарен удел, што може да влијае врз конкуренцијата, цените и квалитетот на услугите.
Иако беше критичен кон спојувањето, Трамп упати пофалби за ко-извршниот директор на Netflix, Тед Сарандос, кој неодамна го посети Овалниот кабинет.
„Имам големо почитување кон него. Тој е одличен човек“, рече Трамп. „Направи еден од најголемите договори во историјата на филмската индустрија.“
Сарандос претходно истакна дека договорот можеби ги изненадил инвеститорите, но дека станува збор за „стратешка инвестиција“ која треба да ја зајакне позицијата на Netflix во „десетлетијата што доаѓа“.
Не сите ја делат таа визија.
Американската асоцијација на писатели (Writers Guild of America) побара блокирање на зделката, предупредувајќи дека концентрацијата на пазарната моќ ќе биде штетна за работниците, гледачите и индустријата.
Во соопштението тие истакнаа:
„Ова е токму пример кој антимонополските закони треба да го спречат. Спојувањето би елиминирало работни места, би ги намалило платите, би ги влошило условите за работниците во индустријата, би ги зголемило цените за потрошувачите и би ја намалило разновидноста на содржините.“
Доколку биде одобрен, договорот ќе ја трансформира глобалната медиумска сцена и ќе ја зациментира доминацијата на Netflix како најсилна стриминг-платформа во светот. Но истовремено, предизвиците пред регулаторите, политичарите и индустријата дури сега почнуваат.






