Во СОЗР стигнала пријава дека четири службени возила на институции биле злоупотребени во изборниот период

До Владата, конкретно до Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), пристигнала пријава дека во предизборниот период биле злоупотребени четири службени возила, објави телевизијата Телма.
Четирите возила, како што било наведено, било користени за време на кампањата за локалните избори во општина Шуто Оризари. Според пријавата, на која се повикува телевизијата, возилата со скопски регистарски таблички биле на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а ги управувале лица кои не биле вработени во претпријатието. Како што се наведува, тие биле на отворање штаб на политичка партија.
Од СОЗР за Телма потврдиле дека до Службата стигнала ваква пријава, која била претпратена до три институции, но засега оттаму не добиле повратен одговор.
„Станува збор за пријава која е пристигната до Службата за општи и заеднички работи, препратена на 02.10.2025 г. до институциите на следните адреси: [email protected], [email protected] и [email protected], за да се добие официјален одговор. Но до овој момент СОЗР нема добиено повратен одговор“,навеле од Владата за телевизијата.
Епилог во врска со случаи на злоупотреба на службени возила, како што се додава во прилогот, нема ниту во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Таму пристигнала само една пријава за злоупотреби на возила во предизборниот период. Исто толку пријави, како што потсетува телевизијата, во ДКСК стигнале и за време на минатогодишните парламентарни и претседателски избори, но и за оваа единствена пријава Антикорупциска одлучила дека нема елементи за постапување.
Инаку, возилата на институциите до средината на септември требаше да бидат обележани со таблички во боја, а да можат полесно да се препознаваат и да се регистрираат евентуални злоупотреби. Но, како што велат од СОЗР не сите возила на институциите досега се обележани со вакви таблички.
Според Владата, како што објави телевизијата, таблички во боја (со црвена позадина и жолти букви и бројки) досега имаат 3 000 возила. Од друга страна, податокот што Телма го добила од Министерството за внатрешни работи (МВР), говори дека половина од оваа бројка, односно нешто повеќе од 1 500 возила имаат таблички во боја.
Во меѓувреме останува отворено и прашањето дали службените возила можат да се контролираат со помош на системот „Безбеден град“, однонсо дали камерите ги препознаваат табичките во боја, како и тоа, кој ќе биде казнет доколку биде сторен прекршок.
„Ве информираме дека за возилата во институционална сопственост истите потребно е да издадат патен налог кој ќе служи како доказ кое лице во моментот на сторување на прекршокот го управувало возилото“,велат од МВР.
Инаку јавните претпријатија и државните институции по закон пред локланите избори избори мораа да достават податоци за службените возила до ДКСК. Оваа законска обврска ја исполнија само 42 проценти од 1 518 институции, а 58 проценти не го сториле тоа. Државата располага со околу седум илјади возила, а од Владата ветуваат дека сите ќе добијат црвени таблици на следната регистрација.






