Башким Бесими избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители

Башким Бесими е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители (СЈОРМ), одлучи Советот на денешната седница.

Бесими досега ја извршуваше функцијата заменик претседател на Советот. За нов заменик претседател беше избрана Маријана Илиевска.

Предлогот за избор на Бесими беше поднесен од членот на Советот, Зорица Павловиќ и беше поддржан со осум гласови „за“ од вкупно 11 членови. При гласањето имаше три неважечки ливчиња.

-Фала на поддршката, и тие што не гласале ќе бидат со мене, заедно ќе работиме. Како второ сакам да се заблагодарам на досегашната претседателка, додека го водеше Советот заеднички се боревме сите и понатаму ќе се бориме заеднички и ќе излеземе на добри патишта, рече Бесими.

За заменик претседател на Советот, Бесими ја предложи членката Маријана Илиевска, а предлогот беше едногласно поддржан.

Изборот следи по престанокот на функцијата на претходната претседателка, Душица Димитриеска, поради истек на мандатот на 1 октомври годинава.

Ова беше констатирано на 28-та седница на Советот одржана на 30 септември. Тогаш изборот на нов претседател беше одложен поради одржувањето на локалните избори.

Back to top button
Close