„Од Шабан Салиу се бара вина само поради болката од трагедијата во Кочани“ – смета неговиот адвокат

Адвокатот на екс директорот на ДСЗ, Шабан Салиу, кој е еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ во Кочани – Димитар Дангов денеска на судско рочиште го нападна Обвинителството и ги праша обвинителите, „дали кофата за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството“.

„Ако некој во синџирот на каузалната врска си ја вршеше својата работа, и на 15 март 2025 година или на 16 март 2025 година пред да се запали фитилот на огнометот, го затвореше Пулс, дали во таков случај кога пожарот немаше да се случи, да дадеше Господ така да беше, Шабан Салиу ќе беше одговорен, само затоа што 9 до 14 години порано не постапувал по управно-правни обврски, кои не биле ниту во негова надлежност. Дали во таква ситуација кога го нема пожарот, ќе се сметаше дека го сторил делото? Ќе беше ли одговорен? Не! Немаше да биде одговорен како што и сега не е одговорен, но немаше да биде ни обвинет“ – рече Дангов, пренесе „Скопје1“.

Адвокатот смета дека се бара вина од Салиу само поради болката која трагедијата ја донесе.

„Тој е обвинет само поради пожарот на 16 март и болката која таа трагедија ја предизвика во нашето општество. Болката колку и да е силна, не може да биде причина за обвинение. Правда не се гради на чувства туку на вистина. Да биде осуден, не е доволно Салиу да биде обвинет“, додаде Дангов.

Back to top button
Close