Одбраната на Аднан Џафероски од ДЗС: „Да не дозволиме неправедно осудени за мир во куќа“

Одбрана на Аднан Џaфероски, поранешниот прв човек на Дирекцијата за заштита и спасување кој е еден од обвинетите во трагедијата во „Пулс“ денеска во воведните зборови во судскиот процес напомена „Да не дозволиме неправедно осудени за мир во куќа, да не дозволиме нови жртви, доста се жртви од Пулс“.

„Обвинението за Аднан Џафероски, директор на ДЗС, ја промашува адресата за кривична одговорност. ОЈО не бара кривично-одговорни лица, туку носители на т.н. системска вина, не прибирале докази кои би оделе напред кон резултатот, туку наназад за да се бараат аргументи, докази и правда вистина. Тоа не е истрага. Ова не е правно расудување, ова е правно напуштање на разумот. Системски пропусти не можат да се залепат за индивидуално лице. Аднан тука е неосновано обвинет. Градежниот објект кој изгоре во 2025 година во правна смисла не постоел во времето кога Аднан Џафероски бил директор на ДЗС. Објектот во кој настана пожарот е реконструиран во 2025 година, реконструкција во правото значи дека тоа е нов објект, нови ризици, нова безбедносна конфигурација, се се бара да е ново“ порача неговата адвокатка Сузана Јошевска Анастасовска.

Таа напомена дека „99% од доказите на обвинителството се годишните планови и административната работа на ДЗС. Обвинението го товари обвинетиот за пропуштен надзор, но не прави разлика меѓу редовен и вонреден надзор. Редовен надзор го предвидуваат годишните планови, вонреден надзор се прави по дојава, информација или претставка“.

„Ние ќе докажеме дека директорот не пишува планови и не ги оценува, директорот не може да нареди вонредна инспекција без да добие информација, а таква информација нема, Директорот нема надлежност да знае за нелегални објекти, друг има надлежност да затвори нелегални објекти. Нема каузалитет, а без каузалитет нема кривична одговорност“ рече Јошевска Анастасовска.

Самиот Џафероски рече:

„Принуден сум да се бранам од обвинение кое е паушално, неосновано и не ми е јасно. Јас ја разбирам болката, гневот на родителите и најблиските кои ги изгубија своите најблиски, како родител сочувствувам со нив, но не смееме да дозволиме едно зло да го одмаздиме со друго. Бараме правда, а не друга неправда. Мене како човек совеста ми е апсолутно чиста, обвинет сум за несторување со умисла во нефункционален систем. Јас бев кратко време на чело на еден фрагмент од тој систем и со моето знаење пробав да го променам и сметам дека во голем дел успеав“.

„Очигледно е дека овој процес е така замислен, да биде долг и исцрпувачки за сите“ порача тој.

На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници.

Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата

Back to top button
Close