Премиер на Тајланд: Нема договор за прекин на огнот со Камбоџа

Тајланд не постигна договор за прекин на огнот со Камбоџа и тајландската војска ќе продолжи со борбените дејства на спорната граница, изјави денеска вршителот на должноста премиер на Тајланд, Анутин Чарнвиракул.

Тој изјави дека Тајланд ќе продолжи со воените операции сè додека нема да бидат загрозени територијата и населението на земјата.

Во објава на социјалните мрежи, Анутин ја отфрли претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со експлозијата на бомба покрај пат, пренесе Синхуа. Трамп вчера  изјави дека бомбата поставена покрај патот, при што загинале и биле ранети голем број тајландски војници, била „несреќен случај“, но дека Тајланд возвратил „многу силно“.

Повикајќи се на воен извор, тајландските медиуми објавија дека Кралското тајландско воено воздухопловство денеска распореди два борбени авиона Ф-16, кои бомбардирале цели долж границата со Камбоџа.

Премиерите на Камбоџа и Тајланд на 26 октомври потпишаа мировен договор во присуство на Трамп, на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Куала Лумпур.

Нешто повеќе од еден месец подоцна, на 7 декември, воените судири повторно продолжија на тајландско-камбоџанската граница.

Камбоџа соопшти дека Тајланд, користејќи и борбени авиони, продолжил да напаѓа цели на границата во текот на утрото, неколку часа откако Трамп соопшти дека посредува во прекин на огнот.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим, кој беше посредник во мировните преговори меѓу Тајланд и Камбоџа, изјави дека двете земји треба да ги прекинат непријателствата почнувајќи од вечерва.

Back to top button
Close