Крај на европскиот проект за Македонија

Денко Малески

Водачот на опозицијата Венко Филипче би можел да биде во право повеќе отколку што мисли.Тој, имено, после годишното обраќање на претседателката Гордана Силјановска – Давкова рече дека ова е крај на европскиот проект за Македонија. Еве зошто мислам дека во наредните неколку години, ова пророштво е многу веројатно да се оствари.

Затоа што двата услови за откочување на преговoрите со ЕУ, наведени во говорот на претседателката се неостварливи.

Првиот, да се постигне национален консензус на партиите во парламентот и вториот, да се добијат гаранции од сојузот на држави наречен ЕУ.

За единството. Дури и во ситемот во кој се пееше „ко друкчије каже, клевече и лаже“не постоеше тотално единство зашто имаше дисиденство. Сега, во услови на демократија, во политички систем кој го легализира несогласувањето, и со политичари чиј ориентален менталитет не знае каде да стави крај на несогласувањата, па ич. Нема таква магија која може да го произведе она што не можеше еднопартискиот систем: единство на мислата, па била таа и за Македонија. Конечно, затоа во демократијата постои гласање и надгласување и затоа малцинството се поклонува пред волјата на мнозинството. Забележувам дека СДСМ се поклони безброј пати пред волјата на граѓаните изразена на последните избори, која ја порази нивната политика. Тоа, во една демократија, е повеќе од доволно. Новата политика треба да предложи нови, подобри, прифатливи за народот решенија на старите проблеми. Но, не можејќи да го произведе тоа, ВМРО-ДПМНЕ бара нешто што го нема во демократските системи: покајување за предавничките политики со кои е повредена националната гордост и идентитетот на македонскиот народ. Инсистира опозицијата да се построи зад нивната партија(!?) како признание дека кога, на времето, СДСМ пропуштил да бара согласност од нивната пратеничка група, направил , не грешка, туку предавство. А, вистина е дека со своите постапки, социјалдемократите не го направиле ниту првото ниту другото. Во политичките ситеми на либералната демократија, извршната власт склучува меѓународни договори а парламентот ги ратификува. СДСМ не отстапи од тоа правило. Тоа што во парламентот не ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ се случува во сите парламенти во светот.

За гаранциите. Во политиката генерално, било домашната или меѓународната, нема гаранции. Па дури и меѓународните договори потпишани од две страни можат, со време, да престанат да важат. Затоа важни се временските секвенци во кои се бара решeние за проблемот со помош на правото. Откога ќе помине временската секванца, еден исечок во времето, се создаваат нови ситуации кои барат поинакви решенија. Така на пример, сегашните европски политичари го нудат постоечкото решение за македонско-бугарскиот спор, наречено „француски предлог“. Колку утре, после изборите во Франција или во Германија се очекува дека политичката ситуација во овие држави ќе се смени. Во која насока? Во насока тотално неповолна за нашата држава. Ако се остварат доминантните прогнози, евроскептичната десница ќе победи и ќе се сменат домашните и надворешните политики на Германија и на Франција а со тоа и на сојузот кој го предводат. Тогаш, веројатно ќе се ослободиме од „францускиот предлог“ но не за да добиеме нов, подобар за нас, туку за да не добиеме никаков. Имено, погледите на геополитиката на сегашната европска политичка гарнитура, со кои доминира „руската опасаност“ и продлабочување на односите во Унијата кон нешто како европска федерација, ја зголемува побарувачката за нови членки. Очекувањата кај нашите политичари и интелектуалци се дека таа побарувачка ќе произведе ситуацијата во која целиот Западен Балкан, па и ние, ќе се приклучи кон ЕУ, во нашиот случај, независно од билатералниот спор со Бугарија. Но, како да забораваат дека најавената персонална смена, со европски политичари со поинакви погледи, на десните евроскептици, драматично ќе ја намали побарувачката, па ние може да останеме на суво. Германската и француската десница, имено, се за економска соработка со Русија и за доближување до политиките на американскиот претседател Трамп, а против проширувањето. Темата за судбината на ЕУ, пак, е посебна приказна.

И така, во наредните две-три години, власта може да мисли дека ја контролира ситуацијата, за, во еден момент да разбере дека,всушност, ситуацијата ја контролирала неа. Имено, ако не пливаш со другите денес, ризикуваш, утре, реката да те исфрли сам на непознат брег.

 

Back to top button
Close