Малите држави преплашени до смрт!
Мерсел Биљали
Убиството е казниво по закон, освен во војна каде што добивате награда ако убиете повеќе – вели Валтер
Кристин Берзина, експерт за НАТО во Германскиот Маршалов фонд, е на мислење дека ако Трамп продолжува по своето, би можел да нанесе многу штета на целата планета. Оти, моќта и силата без емпатија не водат кон доброто, туку кон нестабилност, превирања и војна

А кај нашата планета, вечниот мир трае до следната војна. Живееме во општество и свет со голема разлика во живеачката и богатството, каде што богатите стануваат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Политичката и економската моќ во континуитет се концентрира кај мал број луѓе. Богатството на Елон Маск, Џеф Безос, Марк Закерберг, Лари Елисон, Чарлс Кох и нa неколку други е речиси астрономски. А во душата сè посиромашни. Богатите стануваат сè погладни, а сиромашните сè посити. Градат свои пирамиди уривајќи човечки животи. Милјарда луѓе заедно во јужна Азија го поминуваат животот со помалку пари од споменатите пет имиња. Влијанието на големите технолошки компании, големите нафтени гиганти и најголемите воздухопловни и одбранбени корпорации се протега низ поголемиот дел од светот. Вештачката интелигенција веројатно ќе го концентрира богатството и моќта уште повеќе. Ќе направи држави полни со празни луѓе. Најбогатиот слој права влади по светот. Нивната голема деструктивна моќ ги води САД, Кина, Русија итн. Потоа лудилото лесно пушта корени.
Кога Трамп зборува за „доктрината Монро (Донро)“, чудни бради кимнуваат со глава за нова Јалта и нови граници. Се планира „Pax Americana” да биде ограничена само на западната хемисфера, иако пред некое време САД ја бомбардираа Нигерија, а сега работат и на соборувањето на режимот на иранските ајатолахи. Трамп јавно вели дека не сака договори, туку разни доктрини. А кукавичките конгресмени републиканци и мнозинството во Врховниот суд – од претседателот направија „опасен џин без синџири“!
Меѓународното право е смислено за да спречува посилни држави да ги газаат и експлоатираат послабите. Во спротивно, светот би бил трајно потопен во сурова крвава војна. Виетнам, Авганистан, Ирак и Украина се свежи примери. Неограничената моќ води кон неограничени апетити и неограничени жртви. Тогаш само нормалноста останува ограничена. Меѓународните правни норми се дизајнирани да ги ограничат моќните во интерес на сите други. Поинаку не ни бега нова светска војна. A како што бива во војната богатите даваат волови, а сиромашните даваат синови, па затоа сиромашни татковците масовно тогаш погребуваат свои синови!
Мадуро, не е првиот лидер што е соборен од САД. Да се присетиме на Салвадор Аљенде во Чиле, Жоао Гуларт во Бразил и Мануел Нориега во Панама… Во 2005 година еден стручен труд од Харвард констатирал: „За помалку од сто години (1898 до 1994), сме имале 42 воени интервенции за смени на влади во Латинска Америка. Тоа со Мадуро, лесно може да му се случи и на Хамнеи, а би го стимулирал и Путин за Зеленски, или Си Џимпинг за претседателот на Тајван.
Џунгла од светски поредок?!
Едни автори велат дека ова не е ниту нов светски поредок ниту нов империјализам. Впрочем, овие се стари термини од старите книги, кои ниту можеле да предвидат како ќе се промени светскиот капитализам. Се работи со мрежа од „пирати“- олигарси и тешки милијардери на вештачка интелигенција, крипто-брокери и банкери во сенка. Ова не е режим, туку хаотично грабање на ресурси. А ние зборуваме за нов светски поредок, а тој не е ниту нов, ниту светски, а најмалку порадок. Дека не е нов, се знае по досега 42 уривани други влади низ светот. Со газењето по постојното право не се прави нов поредок, понајмалку светски, дури и со моторната пила на Елон Маск! Едноставно човештвото е нападнат од ајкули, и само Господ или големата среќа може да нѐ спаси. Ама прашање дали ќе сака. А никој не сака да погледне во фиоките на Конгресот на САД кај што „спијат“ основачките документи на Америка – Декларацијата за независност, Уставот и Повелбата за правата! Тоа е исто така јадрото на повоениот меѓународен поредок за кој се залагаат САД, вклучувајќи ја и Повелбата на ООН и нагласувања на мултилатерализмот, демократијата, човековите права и владеењето на правото. Луѓето понекогаш се плашат да бидат нормални.
Газење по тој поредок сега е многу по очигледен. Со нападот врз Каракас се прекрши меѓународното право, но и уставот на САД, бидејќи се случи без одобрение од Конгресот. Трамп им даде до знаење на новинарите дека прво ги известил неколку бизнисмени, пред да разговара со „станарите“ од Капитол Хил! Мадуро бил продаден од своите, исто и огромните резерви на нафта на Венецуела. Не се вели за џабе дека она што не може да се купи со пари, може со многу пари. Но, за несреќа цените на суровата нафта се најниски во последните пет години, лишувајќи ги големите нафтени компании од финансискиот поттик да дупчат во огромниот појас на Ориноко.
Се тврди дека киднапирањето на Мадуро било строго според законот. Соберете ги над 150-те авиони, хеликоптери на Делта Форс, бомби и специјални единици, и видете дали можете да забележите едностран чин на војна! Башка што и според внатрешното право шеф на друга држава не смеете да апсите ниту во сред Вашингтон. Но, силата бога не моли. Новите шефови во Венецуела се истите тие стари шефови диктатор(к)и, ама свртени кон новиот газда. Кога американскиот претседател ќе киднапира шеф на странска држава и ќе го обвини дека е некаков „бос“ на кокаинот, сетете се како, минатиот месец, Трамп тврдеше дека неговиот главен фокус всушност бил фентанилот, кој го нарече „оружје за масовно уништување“, бидејќи тој и другите синтетички опиоиди сочинуваат речиси 70% од сите смртни случаи од предозирање со дрога во САД. Ама тоа не ја тангира „бос-ицата“ Делси Родригес!
Сега на ред е Гренланд, оти што им треба на Данците кога Гренланд е 50 пати поголем од својата мајка Данска. Не може лилипут да води огромен џин 50 пати поголем од себе! Утре може да дојде на ред Боливија, Панама, па дури и Антарктик. Трамп секако уживаше во воениот напад врз комплексот на Мадуро, гледајќи го на телевизија во Мар-а-Лаго и прогласувајќи го за „брилијантна операција, всушност“. Можеби ќе побара и уште многу вакви авантури на далечно ниво, особено ако тие помогнат на ноемвриските среднорочни избори. Но, да се остане некое време администрацијата да се справи со нередот и труповите! Малку е веројатно дека брзо ќе се присетат како поминаа во Вијетнам, Ирак и Авганистан.
Македонија без компас!
Гледајќи го целиот ваков мозаик на состојби, Македонија се наоѓа во екстремно лоша состојба. Таа со силен глас а слаби докази останува осамена и сериозно ја прокоцкува иднината. Таа е се повеќе осамена. Нејзиниот неформален сојузник (Србија) е на прагот на граѓанска војна. Унгарија на Орбан се тресе од инфлација, а опозиционерот Петер Маѓар ги полни плоштадите. Нашиот „херој“ Додик си се продаде на американците. Црна Гора и Албанија се на самиот праг на ЕУ. Македонија останува без ниту еден сојузник при вакви силни турбулентни регионални геостратешки потреси. Договорот меѓу Трамп и Путин ја исклучуваат Русија од Балканот, а и САД немаат многу интерес да се посветат на овај преколнат регион. ЕУ веројатно ќе се фокусира на Украина и Молдавија со многу финансии. Ќе инвестира многу во идна воено неутрална Украина, со цел економски да влијае врз смената на режимот на Путин.
Албанија се движи со светлосна брзина кон крајот на преговорите, а ние сè уште сме во фаза на инает како магаре пред мост. Имаме долг јазик, побрз од мислата, и кратка желба да го држиме зад забите! „Завршивме со отворањето на пет групни поглавја во рекордно време. Верувам дека ќе го завршиме и отворањето на шестото групно поглавје и ќе ја затвориме годината со сите отворени поглавја“ – рече премиерот на Албанија Рама. Само тој што го гледа невидливото и го слуша нечујното, го постигнува неверојатното.
Државата продолжува во агонија да тоне, и дилемата е дали воопшто ќе може да преживее! Со години се удира по нејзини столбови, наместо да се посветиме на опуштање на меѓуетничката клима, на правење либерални услови за производни капацитети. Направивме држава полна со празни луѓе. Ако премиерот има барем малку патриотизам колку што се продава, нека донесе закон за конфискација на имот чие потекло не може да се докаже. Тоа е подобро отколку да продолжуваме да ги продадеме глупости како проекти.






