И да се докаже дека судијата Ристов земал мито за спасување од затвор на обвинети, овие предмети нема да се судат повторно
Апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој неодамна беше притворен, откако во неговиот семеен дом во Неготино беа пронајдени соѕидани 350.000 евра, постапуваше во многу предмети познати за јавноста, а за кои имаше реакции и критики дека не завршиле според словото на законот. Но и во случај дури и да се докаже дека судијата земал мито за некој од нив, за да завршат во корист на обвинетите, овие случаи никогаш повторно нема да можат да се судат.

Како дел од Апелацискиот суд, Ристов судеше во совети и за предметите „Таргет“, за масовното нелегално прислушување во УБК, во „Трезор“, за набавката на британската опрема за следење на електронските комуникации, за „ТНТ“ за рушењето на „Космос“, „Тотал“… и уште неколку други кои завршија во полза на обвинетите или застареа по долгото време поминато во Апелација. Ова значи дека никој од овие премети не може да се врати во живот, односно повторно да се суди, дури и да се докаже дека токму за овие случаи е земено мито за да се пресуди во корист на обвинетите.
Ова е предвидено во Законот за кривична постапка, член 450 „Повторување на постапката на штета на осудениот“. Членот предвидува само една ситуација кога може да се повтори постапка, а да биде на штета на осудениот.
„Кривичната постапка во исклучителни случаи може да се повтори на штета на осудениот ако пресудата со која обвинението се одбива е донесена поради стварна ненадлежност на судот, а јавниот обвинител покренал постапка пред надлежен суд и притоа побарал повторување на постапката“.
Од друга страна пак повторувањето на постапката е лесно возможна доколку пресудата е донесена на штета на обвинетиот, односно некој незаконски бил осуден, и тоа е уредено со член 449 „Повторување на постапката во корист на осудениот“.
Судијата Ристов засега се гони поради сомнеж за две кривични дела и тоа „Противправно стекнување и прикривање имот“ и за „Перење пари“. Тој засега директно не се поврзува со ниту еден случај за примање на мито. Или како што прецизираше предметната обвинителка Искра Хаџи Василева, дел од доказите наведуваат, но засега немаат директен доказ дека судијата Ристов ги примил токму овие пари за конкретен предмет, а потоа ги сокрил.
-Има дел докази кои наведуваат, директен доказ нема дека судијата ги примил парите. Примопредавањата кај високата корупција не одат од рака на рака, туку преку повеќе посредници, појасни обвинителката Хаџи Василева





