ВО ПЕРИМЕТАРОТ

До следното јавување, слушајте малку музика од нашето студио.

Светскиот економски форум во Давос годинава беше во знак на драстично менување на светскиот поредок. Светот се менува. Ама за Македонија, од Давос – ништо ново. Праксата на нашите политичари останува иста. Одат во Швајцарија да се сретнат со комшиите. Премиерот Христијан Мицкоски ни соопшти дека „денот го започнал со билатерална средба со Борјана Кришто која е претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина“. Е па, кога немаме директна авионска линија со Сараево, најпогодно место за средба на македонскиот премиер со премиерката на Босна и Херцеговина е Давос.

Освен со колешката од Сараево тој не успеа да се сретне со ниту еден друг премиер или шеф на држава. Имал „успешен ден со многу билатерални средби“. Многу биле, не може сите да ни ги раскаже. И учествувал на панел каде ги презентирал „клучните проекти коишто во периодот којшто следи ќе ги објавиме, а тоа се ‘Бошков Мост’, ‘Чебрен’ и ‘Галиште’“.

Ех, проектите од нашата и вашата младост. А како што гледам, и од младоста на нашите внуци ќе бидат, оти премиерот допрва ќе ги објавува. Јас за овие проекти прв пат слушнав кога почнав да читам весници уште во 1970-тите. А биле актуелни и претходно.

 

Премиерот Мицкоски секој ден ни се јавуваше со пораката: „Добар ден Македонијо од овде, од Давос“. А се одјавуваше со: „Следете нѐ, продолжуваме овде со нашиот престој во Давос, а утре се гледаме во Скопје“.

До следното јавување, слушајте малку музика од нашето студио. Со хитот „Вечно млад“ (Forever Young) од 1984. Со „Бошков мост“ се чувствувам вечно млад.

Инаку, премиерот Мицкоски соопшти и дека во Давос денот го продолжил „на панел каде што разговаравме со светските лидери и претставници на мултинационални компании за предизвиците на човештвото во годините коишто следат“.

Допрва ќе видиме ние што се предизвици на патот кон ЕУ, ако Румен Радев формира партија и победи на изборите во Бугарија. Од него само убавини можеме да очекуваме. Ама, пак, кај сме чекале триесет години за да влеземе во ЕУ, а уште ни преговори не сме почнале, ќе почекаме и Гренланд да го решат.

Европската унија нѐ отпиша. САД нѐ заборавија. Трамп ќе нѐ остави и без амбасадор во Скопје, ама ние важно да си мислиме дека сме во периметарот. Да зборуваме за убави работи.

Во светов што се сврте наопаку ние веќе не сме предизвик ни за самите себе, а не пак за човештвото.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close