Германските гиганти ја заобиколија Македонија: БМВ, Мерцедес, Хенкел отвораат погони во Србија и Унгарија!
Егзодус на германските компании: BMW, Henkel и ZF се селат во Унгарија и Србија е насловот на Берлинер Цајтунг во кој медиумот објаснува дека голем број на германски компании ќе отворат производствени погони во Србија и во Унгарија.

Германските компании се селат таму каде што политиката ги слуша, се наведува во текстот.
Германски концерни и светски брендови масовно го префрлаат своето производство во Унгарија и Србија – од автоделови до лепила – привлечени од плати кои се до 70 проценти пониски од германските и од политика што им го „постила црвениот тепих“ на инвеститорите, се наведува во текстот.Henkel целосно ја напушта Источна Германија
Кон крајот на 2024 година, концернот Henkel ја затвори фабриката за лепила во Хајденау кај Дрезден. Околу 40 работници ги загубија своите работни места. Производството на лепила за мебелската, автомобилската и прехранбената индустрија сега се сели во унгарскиот град Керње. Со тоа, Henkel повеќе нема ниту една производствена локација во Источна Германија.
Интересно е што само неколку месеци претходно, директорот на Henkel, Карстен Кнобел, јавно изјави дека нема да се затвора ниту една фабрика во Германија.
Милијарди евра течат кон Унгарија
BMW во 2025 година ја отвори својата прва нова европска фабрика по две децении, во Дебрецен, инвестирајќи над две милијарди евра. Таму ќе се произведуваат исклучиво електрични автомобили од „Новата класа“, со повеќе од 2000 нови работни места.
Mercedes-Benz најави дополнителна инвестиција од една милијарда евра за проширување на фабриката во Кечкемет, со што капацитетот ќе се удвои на 200.000 возила годишно. Во исто време, компанијата го намалува производството во Германија за 100.000 возила годишно. Финансискиот директор отворено изјави: уделот на производството во земји со пониски трошоци треба да порасне од 15% на 30% до 2030 година.
ZF Friedrichshafen планира да укине до 14.000 работни места во Германија до 2028 година, додека истовремено гради нови фабрики во Унгарија и Србија.
Србија како стратешка стартна платформа
Покрај Унгарија, и Србија станува магнет за германските компании. Continental во 2023 година отвори современа фабрика за електроника кај Нови Сад, со инвестиција од 150 милиони евра и 1500 работни места. ZF има фабрика во Панчево уште од 2019 година, а во 2023 година ја прошири со производство на електроника за хибридни возила.
Србија нуди огромна предност: договори за слободна трговија со ЕУ, Евроазиската унија, Турција, Велика Британија и Кина. Тоа овозможува бесцарински извоз на производи кон пазари со вкупно 2,7милијарди потрошувачи.
Главни причини за селење од Германија и инвестирање во овој регион се:
Голема разлика во платите – индустриски работник во Унгарија заработува околу 1500 евра, во Германија над 4600 евра.
Ниски корпоративни даноци – 9% во Унгарија, околу 30% во Германија.
Енергија – во Германија струјата за индустријата чини и до 18 центи по kWh, во Унгарија околу 10 центи.
Брза администрација и субвенции – во Унгарија и Србија дозволите и поддршката се добиваат многу побрзо






