(ВИДЕО) Ристоска: Бидејќи бев оставена сама да се бранам од нападите од ВМРО-ДПМНЕ, побарав мислење од републичкото обвинителство дали да се изземам од ,,Талир 1″
На денешното судење за случајот ,,Талир 1″ односно за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, обвинителката Ленче Ристоска истакна дека самата се обратила до републичкото обвинителство за завземање на правен став дали е потребно обвинител да се изземе во ситуација како нејзината, односно е цел на напад од обвинетото правно лице, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, а таа превзема мерки за заштита. Претходно нејзино изземање побараа и обвинетите.
-Не ме изненадува барањето за изземење, не е првпат обвинетите да бараат јас да не бидам обвинителот кој го застапува обвинението. Јас лично сметам дека не се исполнети условите за изземање, но имајќи ги во предвид променетите околности, и јас се обратив со барање до Републичкото јавно обвинителство за завземање на правен став, дали во вакви ситуации, за заштита на обвинител на напади од обвинето лице, и кога обвинителот превзема мерки за личниот интегритет, дали е потребно обвинителот да се изземе. Ќе напоменам дека се уште немам одговор на ваквото барање, рече обвинителката Ристоска.
Обвинителката неодамна поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ, и како што рече, за ваквата состојба сметала дека треба да го извести Републичкото обвинителство.
Судењето кое денеска требаше да почне по 6-ти пат од почеток, се одложува додека не се изјасни в.д. републичката јавна обвинителката Анита Топалова- Исајловска за изземањето на обвинителката Ристоска.
Во случајот се обвинети екс-премиерот Никола Груевски, како и Илија Димовски, Кирил Божиновски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески. Предметот започна во февруари 2019 година.







