Осумдесет и пет држави ги осудија плановите на Израел за Западен Брег

Осумдесет и пет земји-членки на Обединети нации во заедничка изјава го осудија новите мерки на Израел за „проширување на неговото нелегално присуство“ на окупираниот Западен Брег.

Израелската Влада пред три дена одобри контроверзен предлог што им олеснува на израелските доселеници да купуваат земјиште на Западниот Брег.

„Категорично ги осудуваме едностраните одлуки и мерки на Израел насочени кон проширување на неговото нелегално присуство на Западниот Брег. Ваквите одлуки се спротивни на обврските на Израел според меѓународното право и мора веднаш да се поништат“, се наведува во заедничката изјава потпишана од 85 земји-членки на ОН, како и од Европска Унија, Арапската лига и Организацијата за исламска соработка.

Во декларацијата се наведува дека новите израелски мерки се насочени кон промена на демографскиот состав, карактерот и статусот на палестинската територија окупирана од 1967 година, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.

„Ваквите мерки го кршат меѓународното право, ги поткопуваат напорите за мир и стабилност во регионот … ги загрозуваат изгледите за мировен договор“, се посочува во заедничката изјава.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш пред два дена го повика Израел да се откаже од политиката за регистрација на земјиште, опишувајќи ја како „дестабилизирачка“ и „нелегална“.

Прашањето за сопственоста на земјиштето во Западен Брег беше замрзнато од војната во 1967 година. Според меѓународното право повеќе од половина милион израелски доселеници нелегално живеат во Западниот Брег и во анектираниот Источен Ерусалим.

Во Западен Брег живеат околу три милиони Палестинци.

Back to top button
Close