Сериозна опасност од продажба без контрола – како Законот за заштита од пушење ќе се одрази на алтернативите на цигарите?

Експерти апелираат властите да ги преразгледаат одредбите од Законот за заштита од пушење, кои предвидуваа нагли промени „преку ноќ“ за угостителите и трговците, но дали ќе успеат да превенираат црн пазар на никотински производи во земјава. Дел од државите кои одлучија со рестриктивен пристап да ја намалуваат стапката на пушење, наидоа на сериозни предизвици. Во Естонија, Словенија, Бугарија, па се до Австралија, цвета нелегален бизнис со алтернативни никотински производи со вкусови.

На овие производи ниту им се знае потеклото, ниту составот. Во нелегалната продажба предничат вејповите. На пат да ги забрани за продажба ваквите производи со вкусови, освен со вкус на тутун, е и Македонија.

На проблемот укажуваат и дел од граѓаните, но и трговците. Коментирајќи на системот ЕНЕР, каде беше објавен предлогот на Законот за заштита од пушење, тие споделуваат загриженост дека овие производи ќе се појават на диво без никаква лабораториска контрола. Воедно повикуваат да се размисли и за пристапот кој во одредени држави дава значителни резултати – како Шведска и Велика Британија, кои ја намалија стапката на пушење на цигари со тоа што овозможија широка употреба на алтернативите.

„Сметам дека ваквата одлука не нуди трајно решение, туку може да доведе до развој на црн пазар и нерегулирана продажба и ги става во неповолна положба граѓаните кои ги користат овие производи како алтернатива на класичните цигари. Наместо целосна забрана, сметам дека е потребна подобра регулација, строга контрола на продажбата исклучиво на полнолетни лица и едукација, а не мерки кои ги казнуваат легалните трговци и граѓани“, пишува К. Јованоска.„Популациските модели за намалување на штета укажуваат дека кога алтернативни никотински производи со понизок профил на изложеност се целосно отстрануваат од регулиран пазар, дел од корисниците може да се вратат на класични цигари, што може да доведе до поголема вкупна здравствена штета на популациско ниво. Поради тоа, наместо целосна забрана на ароматизирани загреани тутунски производи, предлагам да се разгледаат пропорционални мерки: строга контрола на продажба на малолетници…“, смета С.Марковиќ.

Естонија е една од државите која избра рестриктивен пристап, налик на предложениот во Македонија. Оваа балтичка земја воведе забрана за продажба на алтернативни никотински производи со вкус, освен со вкус на тутун. Целта беше да се намали привлечноста на вејповите, особено кај младите. Но, во 2020-тата година Естонија регистрирала стапка на пушење од 24,2%, а пет години подоцна оваа стапка се уште изнесува високи 21,6%.

Според BNS, Трговската и индустриска комора на Естонија, властите треба да ги вратат алтернативните никотински производи со вкусови во рамките на законот, бидејќи во моментов просперира црниот пазар. Сега, како што додаваат, се поништуваат одговорните трговски практики, а воедно вејповите се подостапни за малолетниците.

„Проблемот се протега надвор од кој било поединечен сектор или агенција и треба да се третира како поширок општествен предизвик што бара споделена одговорност низ целата држава, бизнисите и граѓанското општество. Озаконетата трговија со вакви производи ги штити и чесните бизниси и малолетниците, кои инаку имаат пристап до забранетите производи кои се со непознато потекло и состав. Воедно, младите луѓе кои купуваат од црниот пазар денес би можеле да станат поподложни на други форми на незаконско однесување во иднина“, вели генералниот директор на Комората, Маит Палтс.

Тој во изјавата споменува повеќе студии и анкети, па така, според истражувања и анализи на отпадот – 52% од употребените електронски цигари за еднократна употреба не се во согласност со ниту едно од актуелните правила во Естонија. Дополнително, 60% од корисниците рекле дека редовно користат производи со забранети вкусови, што укажува на широко распространета нелегална дистрибуција. Дополнително, извештај на естонската Агенција за животна средина проценува дека околу 80% од електронските цигари пронајдени во отпадот не биле декларирани во Естонија и не ги исполнувале локалните стандарди.

Од друга страна, според NHS, Националниот здравствен систем на Велика Британија, рутината на пушење може тешко да се запре, па затоа алтернативните никотински производи можат да помогнат при постепено откажување, а воедно веднаш да ги намалат здравствените ризици од пушењето на цигари.

„Со оглед на тоа што бројот на корисници на вејпови во Англија се намалува, неточните перцепции за неговите релативни ризици во споредба со пушењето може да ги обесхрабрат пушачите да користат вејп за да се откажат од пушењето. Доказите со текот на годините укажуваат дека со зголемувањето на употребата на вејповите во обидите за откажување од пушење, се зголемува и бројот на успешни откажувања од пушење во Англија. Се проценува дека во 2017 година, повеќе од 50.000 пушачи, кои инаку би продолжиле да пушат, престанале да пушат со помош на вејп производи“, наведуваат од Јавното здравје на Англија.

Наскоро, Нов Зеланд ќе биде меѓу земјите чија стапка на пушење ќе се намали по 5%. Државата ја преполови стапката на пушење на 6,8% за помалку од една деценија, откако властите одобрија широка употреба на вејповите како помалку штетна алтернатива за пушачите. Анализи покажале дека дополнително и процентот на тинејџери кои никогаш не пушеле цигари се зголемил на речиси девет од 10. Последно, канадските здравствени лица повикаа непушачите да избегнуваат електронски цигари, но пушачите на класични цигари треба целосно да се „префрлат“ на користење електронски цигари за да ги намалат последиците врз нивното здравје.

 

Back to top button
Close