Еден од обвинетите во „Пулс“ е на лекување во кочанската болница – судот го одложи утрешното рочиште

Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет во предметот, денеска телефонски разговарала со лекарите во кочанската болница задолжени за лекувањето на Милковски, кои, како што информираат од судот, ја известиле дека обвинетиот не е во состојба да присуствува на главната расправа закажана за утре, но увериле оти неговата здравствена состојба ќе се подобри и тој ќе може да ги следи следните рочишта

Поради влошена здравствена состојба на еден од обвинетите, Основниот кривичен суд Скопје го отповика рочиштето на кое утре (19 февруари) требаше да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.„Ја информираме јавноста дека, расправата насрочена за 19.02.2026 година се одлага заради влошена здравствена состојба на обвинетиот Г. М. кој се наоѓа на болничко лекување во Општата болница во Кочани“соопштија попладнево од Кривичниот суд.

Инаку, станува збор за обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот во кој се наоѓал „Пулс“. Тој му го издал објектот на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, но, како што кажа на рочиштето на 2 декември, не знаел дека тој ќе го преадаптира во кабаре.

На последното рочиште, што се одржа на 5 февруари, адвокатката на обвинетиот Милковски реагираше дека тој тешко го следи судењето и треба да му биде укажана медицинска помош.

„Уште од утрината се жали и не може да го следи судењето“,рече тогаш неговата бранителка Лидија Ристовска.

Од Кривичниот суд велат дека денеска судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет во предметот, телефонски разговарала со лекарите во кочанската болница задолжени за лекувањето на Милковски.

Тие, како што информираат од судот, известиле дека обвинетиот не е во состојба да присуствува на главната расправа закажана за утре, но увериле оти неговата здравствена состојба ќе се подобри и тој ќе може да ги следи следните рочишта.

„Поради економичност на постапката и како не би се предизвикале дополнителни трошоци, претседателот на советот за одлагањето на расправата ги извести сите бранителите, полномошниците на оштетените, законските застапници на оштетените, сведоците, надлежните Казнено-поправни установи и надлежните полициски станици“велат од Кривичен и додаваат дека странките се известени оти сите, веќе дадени последователни термини остануваат во сила.

Следното рочиште, според дадените термини од судот, е закажано на 25 февруари, кога треба да дадат искази петмина сведоци.

На претходното рочиште во судницата во Идризово беа сослушани четворица сведоци, двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот кобната ноќ, како и двајца сведоци – гости во „Пулс“ кога избувнал пожарот.

Пред почетокот на рочиштето, родителите на загинатите во пожарот во изјава за медиумите реагираа дека имаат сознанија дека еден од обвинетите, кој е во притвор во затворот во Скопје, по телефон вршел притисок врз сведоците на Обвинителството. Рекоа дека станува збор за обвинетиот Тодор Јованов, инаку брат на Дејан Јованов-Деко.

Тие ги повикаа надлежните служби да ја проверат информацијата и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон.

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во изјава за медиумите реагираше дека судењето продолжува без Обвинителството воопшто да се произнесе во однос на барањето на дел од адвокатите на обвинетите во однос на правната квлафикација што им се става на товар на нивните клиенти, а која е истоветна со онаа за која се гонеа седуммина полициски службеници, пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката за нив.

Бранителот во „Пулс“, Шилегов, се повика на одлуката на ОЈО ГОКК за седумтемина полицајци – бара да се запре постапката и за дел од обвинетите за пожарот

За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.

На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска меѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.

Back to top button
Close