Германија: 3.000 војници на НАТО изведоа голема вежба за десант со амфибиски сили

Околу 3.000 војници на НАТО денеска ја изведоа вежбата за десант од големи размери „Steadfast Dart 2026“ во северниот дел на Германија.
Турски и шпански поморски и специјални сили вежбаа преземање контрола врз плажата Путлос.
– Токму на Балтичкото Море безбедносната ситуација драматично се влоши во контекст на руските „хибридни закани“ – изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус пред новинарите, по набљудувањето на воената вежба на НАТО „Steadfast Dart 2026“ во Балтичкото Море, пренесува „Дејли Сабах“.
Тој го истакна стратешкото значење на Турција за европската безбедност, пофалувајќи ја Анкара за нејзиниот значителен придонес во одбранбеното планирање и колективното одвраќање на НАТО.
– Турција е многу, многу важен партнер на НАТО на југоисточното крило со значајни капацитети, кои денеска станаа импресивно очигледни, на пример, со амфибиските чамци. Тие се нови за турската морнарица и се докажаа како висококвалитетни – рече германскиот министер.
Писториус ѝ се заблагодари на Турција за значајниот придонес, кој вклучува околу 2.000 војници, вооружени беспилотни летала „Bayraktar TB3“, најголемиот воен брод „TCG Anadolu“, неколку фрегати и разна друга домашна опрема. Тој го пофали квалитетот на турската опрема и сили.
– Придонесот на турските сојузници, турските пријатели, овде на оваа вежба за распоредување, е од централно значење, секако, за НАТО во целина. Бидејќи тоа покажува дека НАТО е поголем отколку што некои луѓе веруваат. И дека Турција секогаш играла централна улога во ова, а веројатно уште повеќе денес – рече Писториус.
Тој порача дека сојузниците во НАТО се обединети и подготвени да се соочат со безбедносните предизвици. Вежбата „Steadfast Dart 2026“, најголемата вежба на НАТО оваа година, го тестира брзото распоредување и интеграцијата на сојузничките сили за реагирање (ARF). Вежбата се одржува од јануари до март 2026 година, а во неа учествуваат околу 10.000 војници од 11 земји на НАТО.






