Муцунски: Сакаме активна комуникација со Софија, но мора да внимаваме да не станеме дел од изборната реторика таму

Осврнувајќи се на минатонеделната средба на премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Минхен, шефот на македонската дипломатија рече дека потенцијалното изнаоѓање решение со соседна Бугарија е нешто на кое Владата ќе работи, но во рамките на принципите што „прилично јавно ги имаме поставено“

Ние сакаме да имаме активна комуникација и активен ангажман со Софија, а доказ дека можеме да соработуваме кога сакаме е Коридорот 8, изјави денеска шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, прашан за уставните измени и дали може наскоро да се очекува нешто во таа насока.

 

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски / Фото: Архива

Инаку, уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата на највисокиот правен акт во државата се услов земјава да ги отпочне преговорите за членство во Европската Унија по кластери и поглавја.

 

Одговарајќи на прашањето, шефот на дипломатијата се осврна на актуелните околности во Бугарија, односно дека кај нашиот источен сосед во тек се изборни процеси. Во тој контекст, Муцунски рече дека како држава мора да бидеме максимално внимателни за да не станеме дел од изборната реторика во Бугарија.

 

„Во овој момент во соседна Бугарија течат изборни процеси и треба да бидеме максимално внимателни што ќе кажеме и како ќе се поставиме во моментов бидејќи ние како држава немаме апсолутно никаков интерес да станеме дел од изборната реторика во соседна Бугарија.

 

Секој кој што сака и цели да нè внесе во изборната реторика во соседна Бугарија нема про-ЕУ вредности, и тоа го гледаме од одредени чинители во соседна Бугарија, но и да бидам максимално искрен, тоа го чувствувам и од одредени политички чинители тука“,

 

рече тој.

Дека земјава има конкретна комуникација со Европската Унија во насока на изнаоѓање решение за спорот со Бугарија, Муцунски се повика на средбата што на маргините на Минхенскиот безбедносен форум ја имаа македонскиот премиер, Христијан Мицкоски и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

 

„Пред неколку дена видовте во Минхен средба на премиерот Мицкоски, каде што го придружував и јас, со претседателот на Европскиот совет г. Кошта. Секако една од темите на којашто дискутиравме е процесот на потенцијално изнаоѓање решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на коешто ние ќе работиме, но во рамките на принципите што ви се јасни верувам на сите вас и прилично јавно ги имаме поставено“,

 

изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

За потсетување, премиерот Мицкоски во петокот информирајќи за средбата, на социјалните мрежи напиша дека со претседателот на Европскиот совет имал отворен и искрен разговор за европската перспектива на Македонија.

 

 

Момент од средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на маргините на Минхенската безбедносна конференција / Фото: фејсбук-профил на Христијан Мицкоски

Имено, Мицкоски соопшти дека на средбата јасно го пренел ставот дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но и дека земјата заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања.

 

Истиот ден средба со Кошта имаше и вршителката на функцијата претседател на Бугарија, Илијана Јотова, која во изјава за медиумите го повтори ставот на Софија дека сè додека нема промена на Уставот на Р Северна Македонија и внесување на Бугарите во него, не може да има никакво придвижување и напредок на земјата кон членство во Европската Унија.

 

Според неа, тоа не е само барање на Софија, туку одамна е и политика на Европската Унија.

 

Јотова рече и дека постои загриженост во Софија поради информациите дека властите во Македонија се обидуваат да изнајдат алтернативен пат, односно, како што вели, да излобираат меѓу европските земји Скопје да го заобиколи првиот кластер од пристапните преговори, кој се однесува на фундаменталните вредности и од кој дел се прашањата за човековите права.

 

Таа нагласи оти не постои никаква шанса Бугарија да се согласи со таква промена, посочувајќи оти се надева дека до јуни, кога ќе се одржи следниот самит на ЕУ за Западен Балкан, ќе се најде решение за прашањето со Северна Македонија, доколку, како што рече, земјата сè уште сака да се приклучи на Унијата.

 

Јотова: Властите во С Македонија лобираат во ЕУ за заобиколување на првиот кластер, нема шанси Софија да прифати таква промена

Што се однесува до Коридорот 8, Муцунски денеска се осврна на него во контекст на односите со Бугарија, бидејќи парламентите на двете држави неодамна го ратификуваа Договорот за изградба на меѓуграничен железнички тунел на овој важен меѓународен коридор, кој инфраструктурно во повеќе аспекти ги спојува Јадранското и Црното Море.

 

Парламентот на Бугарија Договорот го ратификува во петокот (13 февруари) додека македонското Собрание тоа го стори во декември лани, со што се исполнети сите услови за доизградба на железничкото поврзување помеѓу Скопје, Софија и Бургас.

 

Николоски: Бугарија го ратификува договорот со Македонија за изградба на меѓуграничниот железнички тунел

Инаку, Договорот беше потпишан лани во ноември во Ѓуешево, од страна на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот тогашен бугарски колега Гроздан Караџов.

Потпишувањето на договорот тогаш го поздравија челниците на Европската Унија, оценувајќи дека претставува голем чекор во соработката меѓу двете земји и промовира добрососедски односи.

Муцунски денеска се осврна и на вчерашната посета на Тирана, каде што присуствуваше на настан посветен на Коридорот 8, околу кој обврски има и Албанија.

„Кажавме дека и западниот сегмент од Коридорот 8 во Албанија треба да биде забрзан и гледаме позитивни сигнали од Албанија во последниот период и тоа е за поздравување, бидејќи и самиот Коридор 8 како таков не би биле целосен без обврските што треба да ги преземе Република Албанија. И тоа не зборуваме само од гледна точка на патна и железничка инфраструктура, туку и енергетска инфраструктура и други комплементарни прашања коишто се поврзани со тоа“изјави шефот на македонската дипломатија.

 

Back to top button
Close