Мицкоски: На листата на Владата за државен обвинител се тројца кандидати, Ленче Ристоска не е меѓу нив

-Во интервјуто на Канал 5, премиерот Христијан Мицкоски, посочи дека од четирите кандидати за државан јавен обвинител за кои Советот на јавни обвинители даде позитивни мислење, на владината листа се три имиња, а меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.
Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за нов државен јавен обвинител – вели премиерот Христијан Мицкоски на прашањето дали Владата се одлучила кој да биде нов шеф на Јавното обвинителство. Прашањето следува откако Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител.
На дополнително прашање дали сите четворица кандидати, вклучително и обвинителката Ленче Ристоска, која своевремено беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и која сè уште пред Судот застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија, Мицкоски вели:
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра.“
Советот на јавните обвинители денеска даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител. Позитивно мислење добија сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ. За кандидатурата на Владимир Панчевски едногласно одлучи дека тој не ги исполнува условите предвидени со законот во однос на работниот стаж.
На почетокот на месецов, Ристоска во телевизиско интервју рече дека очекува да биде избрана за републичка обвинителка и дека затоа и конкурирала. Посочи дека на огласот се пријавила не за да ја нервира власта, туку затоа што смета дека има што да понуди во смисла на квалитет. Одлуката на Ристоска да се пријави на огласот за избор на нов државен јавен обвинител се случи во период на нејзин отворен конфликт со премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.






