Прочка – тест за политичка зрелост

Почитувани мои читатели, политичката реалност во Македонија е сурова. Омразата меѓу партиите на власт и опозицијата, влезена е во сите сегменти на нашето живеење. Кога омразата ја шират врвни политичари, тогаш и поддржувачите на тие политички партии уште повеќе ќе сеат омраза. Омразата не е политика, таа е пораз!
Политичкиот антагонизам води кон стагнација на општествениот развој на државата. Цената ја плаќаме ние, граѓаните, бидејќи животот станува скап и тежок за обичниот граѓанин, кој едвај врзува крај со крај. На политиката, крајот не можеш да ѝ го фатиш …
Политичарите се тие кои треба да ја креираат иднината, економско-општествениот развој на државата и подигање на животниот стандард.
Наместо да ни се случува таков просперитет, ние живееме во една лажна реалност која не нуди, туку само ветува перспективи. Се јакне чувството на незадоволство, депресија и секако сеење на меѓусебна омраза. Најсилната омраза е присутна во болно општество со низок животен стандард. Без разбирање и меѓусебна интеракција нема иднина, а држава без дијалог создава државјани без иднина.
Вo изминативе три месеци, нашите политичари ја забавуваа, поточно ја измачуваа јавноста со Законот за пушење. Се надоврза политичката дискусија околу воспоставувањето на „сејф сити” камерите, посебно во Скопје. Врвот беше запленувањето на 30 тони марихуана. Секако, врв на распаднат систем.
Вината за криминалот вообичаено се префрла од една партија на друга помеѓу власта и опозицијата.
Сведоци сме на сериозни протести од синдикатот на Република Македонија. Работникот си го бара своето право за да може да преживее, да си ја одработи живеачката. Владата мора сериозно да се посвети на оваа институција, бидејќи без вистинска работничка сила, државата ќе нема просперитет. Работникот мора да го негуваме и чуваме како зеница во окото, оти нема поглед кон иднина без работничката класа
Дискусиите кои се водат меѓу синдикатот и владата на социјалните мрежи е неприфатлив за секој современ човек кој сака да гради современо општество. Дијалог мора да постои меѓу овие две институции. Повторувам, недостаток на дијалог ја деградира државата.
Тема за разговор ни е и стариот владин авион Лирџет. По зборовите на претседателката Сиљановска, на меѓународни претседателски разговори е идентификуван како авиончето на браќата Рајт.
Луѓето кои ја познаваат авионската индустрија ќе ви кажат дека нема стар или нов авион, туку безбеден или небезбеден авион.
Безбедните авиони секогаш се ставени под строга контрола, согласно одредени термини за нивна функционалност. Актуелната Влада и претседателката мораат да се возат во стар авион, кој, по нивен увид може да се урне. За жал, и авионите и марихуаната и изгубената визија нѐ атерираат како држава.
Почитувани читатели, ова е комплетно несериозен начин за функционална држава. Не се зборува за иднината која треба да ни овозможи повисок стандард на граѓаните, безбеден и достоинствен живот, туку се зборува само за денешниот ден, без трошка одговорност дека и за тој изминат ден кој бил бесцелно потрошен, ние граѓаните ја плаќаме цената.
Во недела на 22 февруари, ние христијаните ќе го празнуваме празникот „Прочка” Тоа е единствениот христијански празник каде не се слави светец. Овој празник во библијата има благородна функција, омразата и недоразбирањето да бидат надминати преку дијалошки облик. Дали во семејството, дали меѓу пријателите, а во случајов и за водењето на нашата држава, треба да се прости, да се седне на заедничка маса со отворање дијалог на тема „како треба да се гради нашата иднина”
Овој празник е овековечен во библијата од мудри луѓе кои ја разбрале суштината на човечкиот дијалог и разговор, посебно по прашања како да ја креираме нашата иднина.
Порачувам, до лидерите на партиите кои во себе носат христијанско-православна традиција, да го почитуваат овој празник не само како верски туку како верување и верба дека иднината на државата се гради со дијалог.
Иднината на државата се гради со визија, која треба да биде заедничка меѓу сите политички партии.
Мора да постои една визија со различни начини како да стасаме до целта за нејзино остварување.
Ќе си простиме ли пред да упропастиме сѐ што се градело години наназад?
Плурализмот како државен систем е функционален само во земји кои што имаат заедничка партиска визија. Разликата постои само меѓу политичките субјекти кои можат поквалитетно и побрзо да стасаат до оваа цел. Јас така го разбирам плурализмот.
За овие 35 години ги уништивме земјоделството и сточарството. Во бившата СФРЈ, Република Македонија имаше повеќе од 30 земјоделски и сточарски комбинати кои произведуваа храна, житарици, зеленчук, овошје , млеко, млечни производи, месо и месни производи. Денес тие ги нема. Денес единствено тутунопроизводителите останаа заштитени од Владите на Република Македонија. Во последно време се правеа посебни закони за производство на марихуана.
Не можам да ја разберам идејата на сите Влади во Република Македонија. Произведува земјоделски производи од тутун и марихуана! Првиот е регистриран како убиствен по човечкиот живот, а вториот како фармацевтска суровина. Во светот на наркоманијата сивата економија владее во континуитет како дрога.
Денес Македонија увезува зеленчук, овошје, млеко и млечни производи, месо и месни производи. Сите овие производи некогаш беа произведувани кај нас, а денес ги нема. Зошто? Запрашајте се господа политичари зошто дозволивте да се уништат земјоделието и сточарството?
Најприродното богатство на Република Македонија е нејзината геостратешка и климатска положба со доминантност на земјоделието и сточарството.
Порачувам, до сите политички субјекти да го прослават денот Прочка размислувајќи дали народот ќе им прости!
Господа политичари, народот не живее од казни, народот треба да заработи за да ги плаќа казните….






