Пожар во Трговскиот центар во Кочани

Поранешниот вршител на должност градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, информираше дека денеска во станбено-деловниот комплекс Трговски центар, станбен блок А со 96 станови, избувнал пожар од угостителски објект, при што станарите поминале со зачадени домови и, како што наведе, огромен стрес.

Според неговата објава, пожарот не се проширил благодарение на навремената интервенција на Територијалната противпожарна единица, а клучен бил и фактот што дистрибутер на стока го забележал огнот во кујната, која, како што тврди Крстевски, се наоѓа во посебен објект изграден незаконски. Во моментот на избувнување на пожарот, во кујната немало присутен персонал.

Крстевски посочува дека ова не е прв ваков случај и дека во минатото имало слични инциденти во истиот објект, при што, како што наведува, повторно имало среќа што пожарите не предизвикале поголеми последици..

Тој упати последен апел до кочанското обвинителство, наведувајќи дека уште на 10 јуни поднел кривична пријава поради, како што ги нарече, незаконски активности на угостителски објекти во рамки на станбениот комплекс.

Од надлежните институции засега нема официјална информација за пожарот.

&

Back to top button
Close