Со детскиот карневал, во Прилеп почнаа карневалските свечености за „Прочка 2026“

Со преку 200 учесници на детскиот карневал, почнаа карневалските свечености во Прилеп за Прочка. Учениците од прилепските училишта ги покажаа своите креации.

-Ние сме околу 70 учесници и претставуваме весела фарма. Имаме јагниња, млекарки, чувари, па дури и лош волк од кого бегаме. На маската работевме две недели, вели ученичката Анастасија Здравеска од ОУ „Добре Јованоски“ од Прилеп.

 

Оригинална креација имаа учениците од ОУ „Гоце Делчев“ од хемиската секција.

-За нашата публика подготвивме и ерупции на вулкани, повикување духови, необични хемиски експлозии и ерупции, вели наставничката по хемија од ОУ „Гоце Делчев“, Кети Иваноска.

Според традициите, денеска, прилепските мечкари, заштитната маска на прилепскиот карневал, ги посетија касапите. Подготвени се да ја продолжат 100- годишната традиција на маската заштитена како нематеријално културно богатство.

 

-Горди сме на маската. Уникатна е, призната во светот. Дојдовме до податоците дека маскираните групи шетале уште пред повеќе од 100 години. Прилепските мечкари се маска, одраз на традициите и културата од ова поднебје и ќе остане да живее. Мечкарите се подготвени за утрешното централно дециле на 25-тиот карневал „Прочка“, рече Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“, организатор на карневалот.

Утре од 13 часот во центарот на Прилеп е централното дефиле на маските. Учествуваат околу 500 маскирани од земјава и странство, а карневалската поворка ја предводат Прилепските мечкари кои ќе го отворат и Карневалот.

Back to top button
Close