Најмалку петмина загинати во серија лавини во Австрија

Комбинацијата од снежни врнежи, силни ветрови и лесен снег создадоа услови кои беа особено погодни за лавини.
Најмалку пет лица загинаа во серија лавини што ја зафатија западна Австрија, објави владата на покраината Тирол.
Во соопштението се наведува дека интензивните снежни врнежи во текот на изминатата недела доведоа до натрупување на снег во висина до 1,5 метри.
Комбинацијата од снежни врнежи, силни ветрови и лесен слој снег создадоа услови кои беа особено погодни за лавини, објавува Асошиејтед Прес.
Тиролската полиција објави дека пет скијачи надвор од пистата биле зафатени од лавина широка околу 450 метри, која паднала во петокот попладне во областа Сент Антон ам Арлберг, на висина од околу две илјади метри.
Меѓу загинатите имало Американец и Полјак, додека 21-годишен Австриец починал од повредите откако бил пренесен во болница.
Бројни членови на спасувачките екипи, персонал на брзата помош, пожарникари и кучиња трагачи биле вклучени во операцијата за спасување, пренесува Танјуг.
Во петокот наутро, во скијачкиот центар Наудерс-Бергкастел југоисточно од оваа област, 42-годишен германски државјанин и неговиот 16-годишен син биле зафатени од лавина, но младиот човек преживеал, додека неговиот татко починал.
Во Клестерле, во соседната покраина Форарлберг, триесет и деветгодишен швајцарски сноубордер загинал во лавина од скијачките патеки.
Канцеларијата на гувернерот на Тирол објави дека во петокот биле пријавени речиси триесет лавини, а повеќе од 200 инциденти биле регистрирани во текот на изминатата недела.
Канцеларијата предупреди дека временските услови нема да се подобрат ниту во недела и дека времето ќе остане нестабилно.






